ОГНЕНАТА СТИХИЈА НЕ СТИВНУВА Пожарите во „Јасен“ и Јегуновце под будно око на пожарникарите
Два активни пожари сè уште гори во државата, повеќе од две дузини локализирани благодарение на брзата реакција на екипите.
Според податоците на Центарот за управување со кризи (ЦУК), до 21 часот вечерва на територијата на Македонија се регистрирани вкупно 29 пожари на отворен простор. Од нив, два се сè уште активни, два се под контрола, додека останатите 25 се целосно изгаснати.
Најкритична е ситуацијата во општина Македонски Брод, каде што во повеќенаменското подрачје „Јасен“ огнот зафатил мешана шума и се уште гори, а во општина Јегуновце, меѓу селата Рогачево и Јажинце, пламените јазици го зафатија планинското пасиште и предизвикуваат сериозна закана.
Под контрола е пожарот помеѓу селата Девич и Грешница, исто така во Македонски Брод, каде што изгорела ниска вегетација, како и оној во кумановската населба Рајкова Куќа. И двата пожара се стабилизирани, но екипите остануваат на терен поради опасност од повторно разгорување.
Денот беше обележан и со голем број пожари кои, благодарение на брзата реакција на противпожарните единици, беа локализирани и изгаснати. Во Демир Хисар изгоре дабова шума кај селото Мало Илино, а во Струга беа зафатени ниска вегетација и делови од мешана шума во „Бегова Шума“ кај селото Делогожда, како и подрачјето „Октишка Краста“. Во Делчево пожарот кај селото Очипала зафати ѓубриште и ниска вегетација, додека Куманово се соочи со неколку одделни пожари – од запалено ѓубре на улица Ѓорче Петров, до горење на ниска вегетација кај месната индустрија „Никси“ и во населбата Карпош.
Во општина Старо Нагоричане беа зафатени ниска вегетација и стрниште кај селото Челопек, а во Сарај пожарот се прошири од селото Радуша кон селото Дворце. Во Арачиново огнот гореше во селото Арачиново и на ѓубриште во селото Орланци, додека во Сопиште беше зафатена ниска вегетација во селото Св. Петка. Слични пожари беа изгаснати и во Шуто Оризари, Желино, Брвеница, Тетово, Гостивар, Прилеп, Ресен, Чешиново-Облешево и Охрид.
Пожарите зафатија и делови од Кичево, каде што во селото Аранѓел изгоре стрниште, а во Мало Церско ниска вегетација. Иако најголемиот дел од нив се изгаснати, надлежните апелираат за максимална претпазливост и избегнување на какви било активности што можат да предизвикаат нови пожари, особено поради високите температури и сувата вегетација.