Одземена дозволата за работа на Ј.К. Морган и Велт менаџмент ДООЕЛ

Комисијата за хартии од вредност трајно му ја одзеде дозволата за работење и на лицето Дејан Делимитов, кој е овластен инвестиционен советник во  друштвото.

1,438

Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија на итна седница со која претседаваше претседателката на Комисијата Нора Алити поради измамнички и манипулативни дејствија донесе Решение со кое трајно му ја одзеде дозволата на Друштвото за инвестиционо советување Ј.К. Морган и Велтх менаџмент ДООЕЛ Скопје, чиј управител е Виктор Мисовски. Комисијата трајно му ја одзеде дозволата за работење и на лицето Дејан Делимитов, кој е овластен инвестиционен советник во  друштвото.

– Управителот на Друштвото Виктор Мисовски противзаконски преправал оригинална исправа и таквата исправа ја употребувал како вистинска, со што има основано сомневање дека сторил кривично дело фалсификување на исправа. Истовремено, друштвото не ја одржувало основната главнина и потребните ликвидни средства во секое време, што е негова обврска согласно член 149 од Законот за хартии од вредност. Друштвото склучувало договори за непосредно управување со портфолио на хартии од вредност по налог и за сметка на индивидуален клиент за што нема дозвола од Комисијата, со што го прекршило член 172 од Законот за хартии од вредност и се вклучило во активности со кои ги доведувало во заблуда клиентите или пак имаат за цел нивна измама – појаснуваат од КХВ.






Оттаму додаваат дека со цел да му се оневозможи на Друштвото да прима нови уплати, како и заради заштита на правата и на правните интереси на клиентите со веќе склучени договори, Комисијата за хартии од вредност на денешната седница на 26 февруари, 2021 година, донесе и Решение за замрзнување на парите на сметките на Друштвото за инвестиционо советување Ј.К. Морган и Велтх Менаџмент ДООЕЛ Скопје во банките и во другите финансиски институции.

За утврдените злоупотреби извршени од Ј.К. Морган и Велтх Менаџмент ДООЕЛ Скопје Комисијата ги известила другите надлежни органи.

Со трајното одземање на дозволата за работа Ј.К.Морган и Велтх ДООЕЛ Скопје не смее да ги извршува сите услуги за кои има добиено дозвола од КХВ, поради што Друштвото за инвестиционо советување Ј.К. Морган и Велтх Менаџмент ДООЕЛ Скопје, Комисијата го избриша од Регистарот на Друштва за инвестиционо советување, кој го води на својата веб страна.

Поврзани содржини