ОДВОДНИОТ КАНАЛ ВО СКОПСКО ПОЛЕ ПОЛН СО ПЕНА Општина Зелениково испрати примероци на испитување

Пената се појавува при препумпување на отпадните води и е присутна во одводниот канал кој навлегува во реката Вардар, информираше градоначалникот на Зелениково, Коста Маневски.

1

Општина Зелениково соопшти дека утрово, при активирање на пумпите за препумпување на отпадните води од Скопското Поле, во селото Таор била забележана појава на пена во значително поголем обем од вообичаеното.

„Општина Зелениково, согласно своите надлежности во областа на заштита на животната средина, по допрен глас, добиено известување дека утрово, при активирање на пумпите за препумпување на отпадната вода со кои се одводнува целото Скопско Поле (Гази Баба, Арачиново, Илинден, Петровец и други), во селото Таор е забележана појава на пена во поголем обем. Пената се појавува при препумпување на отпадните води и е присутна во одводниот канал кој навлегува во реката Вардар“, информираше градоначалникот на Зелениково, Коста Маневски.

Општинските служби заедно со АД „Водостопанство“ излегоа на терен за да извршат увид и да ја координираат постапката со надлежните институции за понатамошно постапување, додава Маневски.

„Дополнително, на барање на Општина Зелениково, од страна на Институтот за јавно здравје се земени примероци од пената и од водата, со цел утврдување на составот и можните извори на загадување. Поднесена е пријава и во Државниот инспекторат за животна средина за да постапат, како највисок орган за заштита на животната средина. Општина Зелениково ќе ја информира јавноста веднаш по добивање на резултатите и понатамошните насоки за постапување“, соопшти градоначалникот Маневски.

Поврзани содржини