ОДОБРЕНА Е ВТОРАТА ТРАНША ОД 16 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ИНСТРУМЕНТОТ ЗА РАСТ Европската комисија оцени дека се остварени само 4 чекори
Од вкупно 16 чекори, земјава пријави како исполнети 9, врз основа на процената направени од надлежните институции, но Европската комисија, во рамките на сопствената техничка проценка, оцени дека 4 од овие чекори се задоволително исполнети: 3 од областа на дигитализацијата и еден во делот на деловната средина кој се однесува на инспекциските надзори.
Европската Унија го одобри второто ослободување на средства за земјава во рамките на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан во износ од 16 милиони евра во нето износ, соопшти Министерството за европски прашања.
Дел од парите се неповратни средства, а дел кредит.
Од овој износ, 7,4 милиони евра се исплаќаат директно во државниот буџет, додека остатокот е наменет за финансирање на инфраструктурни проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
„Комисијата утврди дека Северна Македонија ги исполнува предусловите и општите услови за ослободување на средствата, кои се однесуваат на демократското владеење, владеењето на правото, макроекономската стабилност и управувањето со јавните финансии“, се наведува во соопштението.
Со оценката на Европската комисија се опфатени чекорите од Реформската агенда 2024-2027 со рок на реализација до јуни 2025 година.
Од вкупно 16 чекори, земјава пријави како исполнети 9, врз основа на процената направени од надлежните институции, но Европската комисија, во рамките на сопствената техничка проценка, оцени дека 4 од овие чекори се задоволително исполнети: 3 од областа на дигитализацијата и еден во делот на деловната средина кој се однесува на инспекциските надзори.
Реализираните активности се однесуваат на усвојување на нов закон за безбедност на мрежи и информациски системи, усогласен со европската Директива за сајбер-безбедност (NIS2), на нов закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, со кој се воведува европскиот дигитален идентитет, како и на закон за архивски материјал со кој се воспоставува рамка за електронско архивирање во јавната администрација.
Дополнително, Комисијата потврди значителен напредок во борбата против неформалната економија преку зголемен број инспекции од страна на трудовата и пазарната инспекција.
За чекорите кои не се целосно реализирани, Европската комисија утврди продолжен рок (грејс период) за нивна имплементација до јуни 2026 година.