Односите на ВМРО-ДПМНЕ со меѓународната заедница сега се многу подобри од декември 2017, вели партискиот лидер Христијан Мицкоски во интервју за емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.
– Јас сум задоволен од односите што ги имаме со меѓународната заедница овде во државата, позицијата на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на Европската народна партија, односите што ги имаме со бројни европски политичари кои не се дел од Европската народна партија и ако ме прашате дали состојбата сега во октомври 2022 г. е подобра од декември 2017 г., ќе ви одговорам дека е многу подобра – вели Мицкоски.
За пораките што во последниот период доаѓаат од претставници на меѓународната заедница до ВМРО-ДПМНЕ дека треба да ја преземе одговорноста за уставните измени и внесување на Бугарите заедно со Хрватите и Црногорците во преамбулата, Мицкоски вели дека тие не може да се гледаат изолирано од пораките што меѓународната заедница ги испраќа до власта за нивото на корупција и крминал.
– Да, јас ги слушам тие пораки, но нашиот став е јасен и прецизен, а тој е дека во овие околности, ВМРО-ДПМНЕ нема намера да влезе во какво било интервенирање во преамбулата на Уставот – вели лидерот на опозициската партија.
Во однос на критиките од еврокомесарот Оливер Вархеи при дебатата за т.н. француски предлог во Собранието дека ВМРО-ДПМНЕ ја помина црвената линија и дека палењето документи и поттикнувањето омраза не носат ништо добро, Мицкоски коментираше:
– Дозволете да не верувам во тезата дека Вархеи и мисли подобро на Македонија од тоа што јас и мислам. Јас, сепак, за себе мислам дека многу подобро и мислам на мојата татковина и на мојот народ отколку што господинот Вархеи и мисли. И нема аргументи со кои ме убедија дека таа политика е исправна политика.