Одлуката за референдум е ем храбра, ем ризична
Секој добронамерен граѓанин, не само Македонците, чии опстанок е во прашање, мора веќе да е свесен дека токму договорот со Бугарија и блокадите кои таа ни ги поставува, се причината којашто го попречува нашиот прием во Европската унија.
Референдумот за откажување на договорот за (не)пријателство со Бугарија, којшто е основата на сите наши најнови голготи, е исклучително храбар потег. Тоа е апел до сите одговорни граѓани да гласаат во интерес на македонскиот народ и државата во целина. Се апелира, поради длабоките поделби во општеството, каде се најважни личните и партиски интереси. Ова е прилика да се видат вистинските политички дострели на Македонците, нивото на нивниот патриотизам, ама и одговорноста и солидарноста на сите други. Секој добронамерен граѓанин, не само Македонците, чии опстанок е во прашање, мора веќе да е свесен дека токму договорот со Бугарија и блокадите кои таа ни ги поставува, се причината којашто го попречува нашиот прием во Европската унија. Токму затоа, сите мораат да гласаат за негово откажување. Зарем е можно, откако беше потпишан, на 1 август 2017 година, и по сè што се случува потоа, некој сè уште да мисли дека Софија пријателски се однесува кон Македонија? Не е возможно да има таков наивец.
Какво пријателство може да има со некој што смета дека не постоиш и те игнорира? Што замислувале „нашите“ преговарачи? Пријателство меѓу такви партнери е невозможно и незамисливо. Така и се случи. Договорот е политичко злосторство, со несогледливи последици. Тоа е класично газење на Уставот, за што мора и кривично да се одговара. Нашата држава направи тешка историска грешка со потпишувањето на договорот, и истата што поскоро мора да се исправи. Затоа, политичките и други поделби треба да се надминат и сите, едногласно, со откажување на договорот, да ја уништиме алатката на душманите.
Повод за бугарската блокада на нашиот пат кон Брисел е договорот, а не така наречениот „француски предлог“, како што некои, сосема погрешно, сметаат. Овој предлог е директна последица на договорот за (не)пријателство којшто, пак, не доаѓа од Париз туку е наша срамна капитулација во Софија, спакувана со француска амбалажа. Затоа, нормално е што Софија, ама уште повеќе Брисел, договорот го земаат како наша согласност дека имаме заедничка историја, што може да значи само бугарска, дека јазикот ни е според Уставот, и не е автохтон, ниту изворен, туку дијалект на бугарскиот и, најважното, дека нема Македонци во Бугарија. И Брисел, логично, заклучи дека нашето потекло е – бугарско, на што, впрочем, инсистира и Софија, и дека нема причини тоа да не се официјализира! Врз таа основа, бугарската уцена-историјата да биде дел од нашите преговори за членство во Унијата, стана прифатлива и за Брисел. Опозицијата нема други можности за откажување на договорот, освен преку референдум.
На опозицијата треба да и се честита за вербата во зрелоста на сопствениот народ. Очекуваат дека секој, свесен дека ножот е дојден до коска, дека се работи да се биде или не, ќе биде на висина на својата лична, национална и државна одговорност. Сметаат дека е најнормално да се излезе на референдумот и да се гласа за откажување на договорот. Меѓутоа, што е кај нас нормално, та и тоа да биде?
За споредба, да не одиме подалеку. Ако во кожа на Македонците без нашите комшии, Албанците, не треба да има никакви дилеми дека референдумот – ќе успееше! Сите ќе излезеа, и ќе гласаа – за поништување на договорот, којшто носи само порази. Веројатно, ќе беа и преку милион. Тие се свесни за својата нација, и се гордеат со неа. Кога се работи за националното, кај нив нема партии и други ситници. Повеќе пати сме се увериле дека е така. Кога се борат за власт, без никакви скрупули, и албанските партии се гледаат преку нишан. Арно ама, кога се работи за националните интереси, сите се единствени.
Одлуката за референдум е и крајно ризична бидејќи општеството е длабоко поделено. Кај Македонците, доминираат личните и партиските интереси, пизмата и љубомората, а политичките ривали, повеќе се мразат меѓусебно отколку што ги почитуваат државните и национални интереси. Власта упорно нè води во длабок бездна, и нејзините симпатизери поддржуваат решенија коишто се погубни за сопствениот народ. Тоа е особено нагласено во последниве пет години, кога се потпишани погубните договори во Нивици и со Бугарија. Јасно е дека партијата на власт, којашто е главен носител на разнебитувањето на Македонците, ќе продолжи со своето измеќарско однесување кон странците. Иако им е јасно дека никаков договор за пријателство не води во блокади и уцени, тие ништо не преземаат за да ја променат безизлезната ситуација во која сме доведени. Бугарското однесување е брутален непријателски чин, на којшто мора најостро да се реагира, а тие молчат. Неспорно е дека странскиот фактор, којшто ги донесе на власт, им диктира што и како да прават, сè на штета на Македонците. Затоа, не треба да има дилеми дека власта и нејзините апологети ќе го бојкотираат референдумот.
Додатен проблем е законот за референдум, којшто е апсолутно неупотреблив. Доколку сите политички сили или, барем, сите македонски, не се со исти ставови, нема ниту теоретски можности за успешен референдум. Случајот од далечната 1991, кога тема беше самостојноста, беше и ќе остане единствен позитивен случај. Нема никакви шанси на референдумот да излезат потребните 900 илјади гласачи. Затоа, се поставува клучното прашањето – а, што потоа? Неуспешниот референдум ќе покаже дека поголемиот дел од населението не е против договорот за (не)пријателство. И, што ќе правиме тогаш? Ќе доживееме нов, тежок, историски неуспех. Можеби последен, пред дефинитивно затворање на „Македонското прашање“. Ако остане договорот, Македонија сигурно нема да влезе во ЕУ во следните 20 до 30 години, а најверојатно и никогаш. Бугарија, и не само таа, нема тоа да го дозволат. Причините се бројни.
Последните години, нашите недоветни политики отворија широк простор за бугарските безумности, коишто следуваа. Во нивниот „објаснувачки меморандум“, упатен до Унијата и сите членки, со којшто ги игнорираа нашиот идентитет, јазик, историја …, тие целосно ги отворија картите дека целта е да се разнебитат Македонците. Ние не реагиравме. Ако некој те напаѓа, а ти не се браниш, тоа е класично предавство. Резултатот е познат: во преговарачката рамка ни се наметнати незамисливи историски услови коишто, во суштина, ќе мора да ги преговараме со Софија, а не со Брисел. Со сите наши потези, ние практично се согласивме дека сме биле Бугари до 1944 година и дека тогаш, како врвен светски магионичар, Тито не претворил во (измислени!) Македонци. Само ненормални можат да веруваат во такво нешто, ама е тоа неспорна вистина за Софија. Како оценил Ајнштајн: само две работи се бескрајни – вселената и човековата глупост. За првото не бил до крај сигурен.
Ако Македонија беше држава со достоинство, договорот со Бугарија одамна ќе се откажеше. Причините се бројни бидејќи Софија во него игнорира сè, освен точките коишто се нивни историски интерес. Постои и клаузула за откажување. Доволно е да се повикаме само на член 2, во кој се вели – „… Бугарската страна ќе го сподели своето искуство со цел да и помогне на Република Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство во ЕУ …“. Место помош, следуваше бугарска блокада, уцена и ултиматум. Ако ова не беше доволно за откажување, што можеше да биде? Нова фашистичка окупација, најавувана од нивниот министер за одбрана? Фактот дека не го откажуваме договорот, зборува само за нашата политичка недоветност. Пријателство не е и не може да биде дел од блокада, уцена и ултиматум. Впрочем, Македонија го потпиша овој капитулантски договор само заради отворање на патот кон Брисел и, бидејќи истиот излезе пречка за интеграцијата, мораше одамна да се отфрли.
Оценките на Пендаровски и премиерот, дека откажувањето на договорот со Бугарија значи и крај за нашето зачленување во ЕУ, се чиста измислица и немаат никаква врска со реалноста. Сосема спротивно: ако договорот остане, вратите на Брисел остануваат затворени. Освен, ако не прифатиме дека сме Бугари и зборуваме бугарски дијалект што, да не се лажеме, не е интерес само на Софија. Ако се откаже договорот, ќе се отвори простор да се преговара за нов договор, на рамноправна основа, и со признавање на Македонците во Бугарија. Тоа нема да биде воопшто лесно, ама само така може да опстанеме како Македонци и како такви да влеземе во ЕУ. Друга опција немаме. Изборот е наш.
Не треба да забораваме дека Унијата ќе се реформира и нема да се шири барем следните 10 години. А ние, и кога навистина ќе ги започнеме преговорите, тие ќе траат најмалку 15 а најверојатно и 20, 25 … години. Сè заедно, тоа е далечна иднина за која не смеат веднаш, и толку однапред, да се поднесуваат тешки и неприфатливи историски жртви.
Има време за нов, реципрочен договор со Бугарија, колку тоа и да трае.
Во меѓувреме, веднаш треба да се започне иницијатива за промена на законот за референдум: колку и да излезат, мнозинството одлучува.