ОДЛУКАТА ВАЖИ САМО ЗА ИСЕЛЕНИЧКИТЕ ВИЗИ, НЕ И ЗА ДРУГИТЕ Министерот Муцунски за новиот визен режим на САД

Македонската амбасада во Вашингтон комуницира со американскиот Стејт департмент и во согласност со информациите најмал број апликации што ги има од наши државјани се за тој тип на визи и, генерално, се работело за граѓани од повозрасна категорија – рече министерот.

155

Соединетите Американски Држави ги ставија на пауза постапките за издавање иселенички визи, но тоа не влијае врз другите постапки за студенти, стопанственици, туристи и слично, појасни денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

По средбата со раководството на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, одговарајќи на новинарски прашања во врска со одлуката на Стејт департментот за привремено замрзнување на процесот за издавање имигрантски визи за 75 земји, меѓу кои и за Македонија, тој истакна дека се работи за пауза за постапки поврзани со иселеничките визи.






– Не прекин, не црна листа, туку пауза за постапки за иселеничките визи. Ова не влијае на сите други постапки за издавање визи за САД. Доколку сте стопанственик што сака да патува во САД, слободно ќе може да си аплицирате за виза – истакна Муцунски нагласувајќи дека тоа важи и за студенти, туристи…

Тој посочи дека се во комуникација со Амбасадата на САД во Скопје и оти македонската амбасада во Вашингтон комуницира со американскиот Стејт департмент и во согласност со информациите најмал број апликации што ги има од наши државјани се за тој тип на визи и, генерално, се работело за граѓани од повозрасна категорија.

Приоритет на нашата држава во делот на визната политика со други држави, нагласи Муцунски, „не се иселеничките визи, туку визите насочени за развојот на државата, а развојот на државата значи подобра визна политика со стопанственици, научници, студенти, за сите наши граѓани и тука нема никаква промена во визната политика“.

– Перцепциски ова ме потсетува на целокупната приказна со тарифите. Кога излегоа податоците за тарифите, слушав критики дека сме вброени меѓу земјите со највисоки тарифи, но кога издејствувавме да бидеме помеѓу земјите со најниски тарифи за индустрии што за нас се значајни, кога издејствувавме да спасиме работни места во компаниите, истите тие критичари никаде не ги слушам – изјави Муцунски.

Според него, во наредниот период се очекува решевање долгогодишни прашања.

– Оставете малку на времето и на нашата комуникација, на фактот што имаме одлична соработка со нашиот стратешки партнер и она што можам да го кажам е дека во следниот период, па можеби во следните шест месеци, дополнително позитивно ќе се изненадите од она што може да се случи во развојот на визната политика на САД кон нашата држава, односно да почнеме да затвораме прашања што 20 години се обидувавме да ги затвориме – рече Муцунски.

Повтори дека приоритети за земјата се бизнисот, науката, туризмот, студентите, а одлуката на визниот режим на САД не влијае врз нив.

– Ова влијае единствено на иселеничките визи, кои се во најмал обем во делот на апликации од нашата држава за визи кон САД. Ние со САД имаме таков однос што сите прашања од ваков тип ги решаваме, а тоа го видовте особено во делот на тарифите, имаме меѓу најдобрите тарифни рати не само во Европа туку и пошироко и очекуваме по нашите дискусии во слендиот период да добиеме уште подобри услови – нагласи Муцунски.

 

Поврзани содржини