ОДЛОЖЕНО УТРЕШНОТО РОЧИШТЕ ЗА ПОЖАРОТ ВО „ПУЛС“ ВО КОЧАНИ Обвинетиот Гроздан Милковски се лекува во болница

Според лекарите од Општата болница во Кочани обвинетиот не е во состојба да присуствува на утрешната главна расправа, но уверуваат дека неговата здравствена состојба ќе се подобри и ќе може да продолжи да ја следи главната расправа, соопшти Кривичниот суд.

283

Расправата за предметот „Кочани“ за пожарот во дискотеката „Пулс“, насрочена за утре, 19.2.2026 година, се одлага поради влошената здравствената состојба на обвинетиот Гроздан Милковски, кој се наоѓа на болничко лекување во Општата болница во Кочани, соопшти Кривичниот суд.

„Во текот на денешниот ден претседателот на судечкиот совет, кој постапува по предметот, изврши телефонски контакти со докторите кои се задолжени за неговото лекување. Тие го известија дека обвинетиот не е во состојба да присуствува на оваа главна расправа, но уверуваат дека неговата здравствена состојба ќе се подобри и ќе може да продолжи да ја следи главната расправа“, се вели во соопштението на Кривичниот суд.






Поради економичност на постапката и за да не се предизвикаат дополнителни трошоци, судијката Диана Груевска Илиевска за одлагањето на расправата ги известила сите бранители, полномошници на оштетените, законските застапници на оштетените, сведоците, надлежните казнено поправни установи и надлежните полициски станици.

Странките се известени дека сите дадени последователни термини остануваат во сила.

На минатото рочиште на 5 февруари бидеќи судењето беше прекинато на барање на одбраната на овинетиот Милковски поради влошување на неговата здравствена состојба. Милковски е обвинет како сопственик на објектот во кој беше дискотеката „Пулс“.

Судењето за пожарот од 16 март 2025 година, во кој загинаа 63 луѓе, а над 220беа повредени, ќе продолжи на 25 февруари, со сослушување на сведоци предложени од Јавното обвинителство.

Во предметот се обвинети 35 физички и 3 правни лица.

Поврзани содржини