Програмскиот совет на Балканскиот поетски камп за деца и млади „Поетски искри од огништето на Ванчо Николески”, соочен со најновата здравствена ситуација во земјата, денеска, одлучи одржувањето на оваа, единствена манифестација од овој вид кај нас и во регионот, да биде одложено за еден месец подоцна.
Манифестацијата, традиционално, се одржува кон крајот на јуни..
– Подготовките течеа нормално за терминот 19–23 јуни. Никој не очекуваше, состојбата со коронавирусот ковид-19, во моментот кога дојде до смирување, дека, повторно ќе ескалира. Поканите беа испратени, учеството го потврдија млади поетски надежи од нашата земја, Србија, Бугарија, Република Српска, во БИХ, Албанија и Грција. Кога веќе се сконцентрира толку ентузијазам, сила и инцијативност кај организаторот, Здружението за култура, литература и издавачка дејност „Мацково” од Охрид, тогаш мораме да направиме се, манифестацијата да не биде прекината, ако треба и со користење на интернетот и виртуелното поврзување – вели поетот Тоде Илиевски.
Илиевски додава дека оддржувањето на Балканскиот поетски камп за деца и млади „Поетски искри од огништето на Ванчо Николески”, е значајно и од аспект на мегународната соработка, особено соработката со УНЕСКО. Имено, Кампот, од старт, доби поддршка од Светската академија на поезијата на УНЕСКО. Минатата година, со писменото послание на генералниот секретар на Академијата, д-р Лаура Троиси, а годинава, со прифатената покана за доаѓање во Охрид, токму за време на оджувањето на Кампот и по повод таа манифестација – од 19 до 23 јуни. Сега, дали тоа ќе се случи, или не, зависи само од здравствените власти.
Покрај млади учесници од регионот, во својство на ментори, доагаат познати имиња во светот на поетското создавателство. Валерио Орлиќ, поет и почесен претседател на Хрватското книжевно друштво, Мајо Даниловиќ, истакнат поет, член на Светската академија на поезијата и претседател на Комисијата за словенскиот свет и други.
Од Македонија, меѓу учесниците ќе бидат: поетот, професор Христо Петрески, претседател на Собранието на Друштвото на писателите на Македонија, професор Живко Андреевски, професор Трајче Кацаров, добитник на наградата Ванчо Николески на ДПМ и други.
Министерството за култура, иако инсистира на партнерска поддршка на проектите, во случајот на оваа манифестација го прескокнало фактот дека станува збор за регионален проект, кој има декларативна и финасиска поддршка од три општини: Дебрца,Охрид и Вевчани. Наместо да ги зголеми ланските, скромни, средства, годинава ги намали.