ОДГОВОРНИТЕ ЛИЦА ЈА ДОСТАВУВААТ ДОКУМЕНТАЦИЈАТА Од „Жан Митрев“ велат дека се во контакт со инспекциските служби
Ги повикуваме медиумите и сите страни од интерес да се воздржат од предвремено донесување заклучоци и изнесување разни шпекулации, наведуваат од Клиниката.
„Во последните неколку денови одговорните лица од Клиничката болница „Жан Митрев“ се во контакт со инспекциските служби од МАЛМЕД, ДСЗИ, како и Основното јавно обвинителство и МВР, со цел достава на бараната документација“, соопштија од приватната клиника „Жан Митрев“.
„Како и досега, во интерес на утврдување на фактичката состојба, остануваме на располагање за соработка со сите официјални државни органи“, се додава во написот.
„Ги повикуваме медиумите и сите страни од интерес да се воздржат од предвремено донесување заклучоци и изнесување разни шпекулации“, наведуваат од Клиниката.
Обвинителството во понеделникот по допрен глас оформи предмет, откако ИРЛ објави истражување за клиничката болница „Жан Митрев“ и доктор Жан Митрев.
Истражувањето на ИРЛ покажа дека приватна болница, за време на ковид-19 пандемијата го применувала методот на хемофилтирација (филтрирање на крвта), кој бил клиничка студија. Клиничките студии не биле пријавени и одобрени во МАЛМЕД. Скапото лекување на клиниката, кое чинело од 12 илјади евра па нагоре, всушност било дел од клиничка студија, во која Жан Митрев навел дека значителен дел од пациентите добиле интрахоспитални инфекции за време на лекувањето.