ОДГОВОРНА ДРЖАВА НЕ ПРЕЗЕМА ОБВРСКИ КОИ НЕ МОЖЕ ДА ГИ ИСПОЛНИ Професорот Спасеновски ги коментираше евроинтеграциите и претстојните избори
Говорејќи за тоа каков очекува да биде исходот од изборите, Спасеновски рече дека врз основа на истражувањата може да се заклучи дека ВМРО-ДПМНЕ е партијата зад која ќе застанат најголем дел од граѓаните, дека победата е јасна, но дека битката е партијата по победата да се ангажира на сите нивоа за да го зголеми својот коалициски капацитет. Тој вели дека уште не разговарал со Христијан Мицкоски за евентуалната номинација за кандидат за претседател на државата на изборите, а дека цени тоа што неговото име се нашло на списокот на дваесетина потенцијални кандидати кои партијата би ги поддржала.
Одговорна држава не може да презема обврски кои не може да ги испочитува, а со такви обврски се прави штета на државата, смета универзитетскиот професор Александар Спасеновски во врска со уставните измени. Во гостување на „За или против“ на ТВ Алфа Спасеновски, кој е едно од имињата за можен кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата на претстојните избори изјави:
– Граѓаните со право мислат дека им се ускратува нешто што им припаѓа. Кандидатски статус добиваат некои (држави) кои не исполнуваат услови. Многу е важно Македонија да ги надоградува сојузите и прво во НАТО и земјите членки, како и со САД и да се прикаже како лојален партнер и споделувач на тие вредности. Да, ние сме сведоци на однесувањето на Бугарија, но има и активности во позитивна насока за Македонија, чекори, како на пример, на Германија. Решението не е едноставно, ова се лоши денови за нас од кои мора да излеземе и да го продолжиме европскиот пат. Многу е важно за Македонија да има столче на таа маса – заклучи професорот кој предава Уставно право и политички систем.
Говорејќи за тоа каков очекува да биде исходот од изборите, Спасеновски рече дека врз основа на истражувањата може да се заклучи дека ВМРО-ДПМНЕ е партијата зад која ќе застанат најголем дел од граѓаните, дека победата е јасна, но дека битката е партијата по победата да се ангажира на сите нивоа за да го зголеми својот коалициски капацитет.
– Главна битка на ВМРО-ДПМНЕ според анкетите кои ги гледам не е победа (на изборите), тоа е јасно, но поларизираноста и наративите водат кон тоа да има потреба опозицијата уште да се ангажира за создавање влада и тоа може да го направи на два начини, едниот начин е со уште поголем ангажман на сите нивоа, а вториот начин е зголемување на коалицискиот капацитет, да се возобноват мостовите со албанската заедница и со помалите политички партии, значи потребно е Македонија да влезе во ера на стабилност – оценува Спасеновски додавајќи дека мора да се прекине со политиката на дисконтинуитет според која сѐ што правеле претходниците е целосно погрешно.
Спасеновски оценува и дека кај нас во изборните кампањи доминира негативната кампања, наместо позитивното претставување на визиите и заложбите на партиите. Тој потсетува дека на последните избори излезноста била 49 отсто споредено со годините по осамостојувањето кога излезноста надминувала 70,75 проценти.
– Се разбира на тоа влијае исселувањето, стареење на населението, непрочистеност на избирачкиот список, тоа се аспекти кои имаат удел во ова. Потоа тука е и карактерот на кампањата, настанува поларизација и мислам дека сме дојдени до критична точка. Ние веќе една деценија живееме во ера на силна политичка поларизираност. Политичките партии како да се непријатели и политичката тензија никако да спласне – рече Спасеновски.
Професорот вели дека уште не разговарал со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во врска со можната кандидатура за претседател, но рече дека е благодарен што неговото име циркулира и е дел од анкетите на партијата која се сетила и ја цени неговата работа во изминатите години.
– Она што го знам во изминативе месеци и тоа сум го повторил досега во два наврати е дека моето име циркулира и е дел од анкетите коишто истражувањата на јавното мислење и разговорите и анализите што се прават во таа партија поврзани со евентуалната номинација. Јас знам искуствено, врз основа на разговори на личности што биле анкетирани, мои блиски пријатели итн. дека неколку месеци наназад партијата ВМРО-ДПМНЕ прави истражувања на јавното мислење и анализи поврзани со можните кандидати. Исто така знам дека во првичната листа од 20-тина луѓе коишто би можеле да бидат идеални кандидати на оваа партија се наоѓало и моето име и дека таа листа е драстично скусена и на неа повторно се наоѓа моето име – потенцираше Спасеновски.