ОДРЖАЛЕ МИНУТА МОЛЧЕЊЕ ЗА СЛИКАРОТ, ТОЈ СЕ ПОЈАВИЛ Шок во музеј, мислеле дека починал, а тој бил во Итна помош
Можете ли да ја замислите ситуацијата, доаѓам на изложба, каде се присутни мои бројни пријатели и познаници, а тие ме дочекаа со солзи во очите и со раширени очи. Кога ги видов реакциите на луѓето, си помислив „земјо отвори се“, вели сликарот Дејан Уларџиќ.
Една од најбизарните вести стаса од Шабац, Србија, каде група почитувачи на уметноста во еден музеј организирале минута молчење за сликарот Дејан Уларџиќ, а тогаш тој се појавил на врата.
Во Шабац неделава е организирана изложба на Љуба Поповиќ во текот на која ненадејно стасала веста дека Уларџиќ починал. Видно вознемирени и потресени присутните одлучиле да му оддадат почит на наводно починатиот уметник, но тогаш, како гром од ведро небо токму тој се појавил на вратата. Според зборови на сведоците, не се знае кој бил во поголем шок, дали луѓето кои ја примиле веста за смртта на уметникот или самиот Уларџиќ.
Уметникот за белградски медиуми изјавил дека ситуацијата ниту малку не била смешна и објаснил како дошло до грешка.
-Можете ли да ја замислите ситуацијата, доаѓам на изложба, каде се присутни мои бројни пријатели и познаници, а тие ме дочекаа со солзи во очите и со раширени очи. Не знаев за што станува збор, но веднаш ми објаснија. До бизарната случка дојде откако двајца пријатели неумесно се пошегувале, едниот рекол дека сум починал. Тоа го слушнале и други, а ситуацијата да биде полоша јас во тој момент бев во Итна помош. Поминав таму повеќе часови поради висок притисок и кога ситуацијата ми се стабилизира, ме пуштија. Дури размислував дека поради здравствената состојба нема да можам да дојдам на изложбата, но им ветив на пријателите и дојдов – раскажа Уларџиќ и додаде дека му рекле оти еден ден тоа ќе се раскажува како симпатична анегдота.
– Верувајте ми, мене нема да ми биде симпатично. Ем имам проблем со притисокот, ем сум човек во години. Кога влегов на изложбата и ги видов реакциите на луѓето, си помислив „земјо отвори се“ – вели сликарот.