ОДДАЛ СЛУЖБЕНА ТАЈНА НА ИНСТАГРАМ Полицаец под истрага откако снимка завршила кај затвореник
Доверлив видеозапис поврзан со изнуда и оштетување на имот наместо во предметот, завршил на социјалните мрежи и кај лице што издржува затворска казна.
Полициски службеник од скопската општина Ѓорче Петров е под истрага откако, според сомнежите, доверлив видеозапис од безбедносни камери завршил таму каде што најмалку требало – на Инстаграм и кај лице кое издржува затворска казна.
Станува збор за снимка поврзана со кривични дела „оштетување на туѓи предмети“ и „изнуда“, пријавени од управител на угостителски објект во Скопје. Видеото, наместо да остане во рамките на полициската постапка, било споделено преку социјалната мрежа Инстаграм со лице кое се наоѓа во КПД „Затвор Прилеп“ – истото лице кое било пријавено и за изнуда.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, управителот на локалот на 20 декември 2025 година пријавил оштетување на инвентарот, по што му доставил видеоснимка од безбедносните камери на полицискиот службеник кој постапувал по случајот. Наместо снимката да се користи исклучиво за истрагата, таа била споделена со трето лице – и тоа затвореник.
Поради ваквото постапување, против полицискиот службеник е поднесена кривична пријава за оддавање на службена тајна. Паралелно со кривичната постапка, Одделот за внатрешна контрола при МВР започнува и дисциплинска постапка.
На полицаецот привремено ќе му бидат одземени службеното оружје и муницијата, ќе биде испратен на психолошки и психијатриски преглед, а најавена е и суспензија од работа додека трае постапката.