Одбраната на Камчев во отворено писмо до министрите на Советот на Европа бара меѓународен мониторинг ВИДЕО
Круцијалниот доказ со кој Судот располага и врз основ на кој Камчев е противзаконски лишен од слобода и му е повторно продолжена мерката притвор е целосно незаконит доказ, односно, не смее да биде доказ во кривична постапка. И покрај сите инсистирања од страна на одбраната, Судот одбива тој доказ да го обелодени, да го достави и презентира на одбраната, вели адвокатот Менкиноски.
Oдбраната на бизнисменот Јордан Камчев преку отворено писмо се обрати до Комитетот на министри на Советот на Европа во кое бара меѓународен мониторинг на случајот.
– Тргнувајќи од фактот дека Македонија е под мониторинг на Комитетот на министри при Советот на Европа во делот кој се однесува на примената на мерката притвор и треба да постапува согласно со Акцискиот план на Владата на Македонија за извршување на оваа обврска, и имајќи го предвид незаконитото лишување од слобода, тортурата која беше потврдена и противправната и незаконита употреба на „сомнителни докази“, надвор од сите процедури и стандарди на дејствување од страна на Агенцијата за национална безбедност, како и јавниот напад на одбраната во случајот на Јордан Камчев, одбраната се обрати со отворено писмо до 47 министри за надворешни работи на Совет на Европа поради следниве причини. Круцијалниот доказ со кој Судот располага и врз основ на кој г-динот Јордан Камчев е противзаконски лишен од слобода и му е повторно продолжена мерката притвор е целосно незаконит доказ, односно, не смее да биде доказ во кривична постапка. Дополнително и покрај сите инсистирања од страна на одбраната Судот одбива тој доказ да го обелодени, да го достави и презентира на одбраната – вели адвокатот Тони Менкиноски.
Информација (заведена под СД бр. 02-545/1 од 14 март 2021 година) на АНБ врз која се заснова решението на Судот за лишување од слобода, вели одбраната, не само што не е доставена до одбраната и Судот одбива да го стори тоа. Информацијата на АНБ е спротивна на член членот 43 од Законот за Агенцијата за национална безбедност и согласно на овој член, не може да се употреби како доказ во кривична постапка, но може да се користи за иницирање и насочување на кривична постапка.
– Недозволиво е вршење на јавни напади и притисоци врз одбраната на г-динот Јордан Камчев, преку соопштенија и изјави што претставува директно мешање и дискредитација како на целокупниот предмет, така и директно на г-динот Јордан Камчев и на неговата одбрана. Поради молкот на македонските институции во овој случај, до кои повторно апелираме да започнат да постапуваат согласно својот професионален интегритет, одбраната на г-дин Јордан Камчев бара меѓународен мониторинг на случајот, односно, овој случај да биде дел од процесот на мониторинг на Комитетот на министри на Советот на Европа – вели Менкиноски.
Меѓународен мониторинг се бара и поради директно кршење на уставно загарантираните права и гаранции на Јордан Камчев на „слобода и безбедност”, „правото на ефикасна и делотворна одбрана” и на неговото право на „правично судење пред непристрасен трибунал”, како и дека бил субјект на нечовечко и понижувачко дејствување од страна на институциите на македонскиот систем кои му ја имаат ограничено неговата слобода.