Одбраната на Боки 13-ка бара да му се укине пресудата за „Рекет“

Нема никакво вештачење на електронски уред за овој случај, а особено на мобилниот на Јовановски, рече адвокатот Дуковски, нагласувајќи дека иако барале како одбрана, не им било дозволено вештачење на тој мобилен.

246

Поради суштествени повреди и погрешно утврдена материјална и фактичка состојба, одбраната на Бојан Јовановски Боки 13-ка бара првостепената пресуда за случајот „Рекет“ да биде укината или случајот да биде вратен на повторно судење.

– Ако ја погледнете пресудата, ќе видите дека не може за сите сведоци да се зема само делот што одговара на обвинителството, а за сѐ останато се вели дека е кажано за да му помогне на обвинетиот – рече Дуковски образложувајќи ја жалбата на Јовановски пред Апелациониот суд.






Во однос на сведокот Орце Камчев, Дуковски рече дека е незамисливо човек што дал милион евра да нема статус на оштетено лице.

– На кој доказ се заснова оваа пресуда? Нема никакво вештачење на електронски уред за овој случај, а особено на мобилниот на Јовановски – рече Дуковски, нагласувајќи дека иако барале како одбрана, не им било дозволено вештачење на тој мобилен.

Каде е еднаквоста на оружјата, рече тој, кога три пати предложуваме телефонот и сите уреди да бидат вештачени и три пати бевме одбивани.

– Минимум триесет пати се потенцира во пресудата дека Бојан Јовановски е со блокирана сметка и без работа кога се зборува за делото перење пари, а потоа за влијание врз Катица Јанева, се вели дека има претпоставено влијание. Полицијата сама без налог, сама си врши идентификација на одземената брендирана облека и очила. Што добивате вие како суд од тоа што се одземени 50 пара фармерки со цитирање на модни дизајнери, ништо. Сметам дека не може така да се постапува – рече Дуковски.

Тој рече дека „незаконското водење на постапката и продолжувње на притворот предизвикало сериозни здравствени последици врз Јовановски“, за што ќе достави и материјални докази.

Бојан Јовановски од Основниот кривичен суд е осуден на девет години казна затвор за случајот „Рекет“ дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Катица Јанева, поради здравствени причини денеска не дојде на седницата, а нејзината жалба ќе биде презентирана од нејзините бранители Дељо Кадиев и Ирена Фрчкоска.

Јанева за случајот „Рекет“ од Основниот кривичен суд е осудена на казна затвор од седум години за „примање награда за противзаконито влијание“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Поврзани содржини