ОДБРАНАТА ЌЕ ДОКАЖУВА ДЕКА ТАТКОТО НА ВАЊА Е ЖРТВА Адвокатот на Палевски тврди дека нема докази дека тој бил во Велес дента кога бил убиен Панче

Сите петмина обвинети на денешното прво рочиште се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

3,321

Ќе докажеме дека доказите од видео надзорот ги обезбедил Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, и тоа со напатство од полициски службеници, кои ги предлагаме како сведоци во процесот, рекоа од одбраната на таткото Ѓорчевски на денешното прво рочиште за двeтe убиствa на Вања Ѓорческа и на Панче Жежовски што се случиja лани во нoември.

– Прекршени се основите принципи на истражната постапка и на криминалистичка истрага. Неосновано е обвинението за Александар. Ќе докажеме дека Александар е жртва и постапил како секој родител чие дете е исчезнато. Иако разведен тој имал висок степен на грижа за децата. Растројството на Александар откако одлучил самиот да води истрага за исчезнатото дете е искористено за тој да биде погрешно разбран и обвинет. Тој не ги познава обвинетите, нема поврзаност со нив и нема умисла за грабнување. Ова е паушално обвинение како резултат на лоша истрага. Не е докажан мотивот на Александар за материјална корист. Вања и Миња беќе биле сопственици на станот кој се инсинуира за мотив и тоа со договор за дар од таткото Александар. Одбраната ќе докаже дека Александар наместо да е жртва бил изложен на тортура во полиција и недолично однесување за да му се изнуди признание на вина. Има медицински извештаи од повредите и извештај од Хелсиншки комитет – рече адвокатот на Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ.






Според обвинението, убиството на велешанецот Панче се случило откако тој прво бил грабнат од дома и однесен кај месноста Рудник каде бил убиен на свиреп начин. И за Панче претходно била ископана дупка. Во него, според обдукцијата, било пукано во глава, во левата слепоочнница, куршумот излегол низ темето, од лево кон десно, што предизвикало огнострелен канал од десетина сантиметри и смрт. Во обвинението е наведено дека провообвинетиот Љупчо Палевски Палчо го турнал телото на Панче во дупката.

Во обвинението е наведено дека кај обвинетите немало чувство на каење и дека биле уверени дека нема да бидат откриени, а кога првообвинетиот Палчо претпоставил дека ќе биде откриен заминал од државата во Србија, па во Турција.

Од Јавното обвинителство рекоа дека со докази ќе го докажат сето наведено во обвинението. Оттаму наведоа дека располагаат со листинзи за разговори и пораки кои ќе докажат дека обвинетите долг период се договарале меѓу себе.

Според обвинителите, вмешаните во убиствата не ги носеле со себе нивните мобилни телефони за да не бидат откриени.

Сите обвинети на денешното прво рочиште се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Полномошникот на мајката и сестрата на Вања најави дека дополнително ќе оформи отштетно побарување.

Адвокатот на Палевски во својот говор рече дека во времето на почетокот на постапката Палчо бил надвор од Македонија, дека регуларно поминал граници за да оди на лекување во Турција, за што наведе дека располагаат со медицински извештаи.

– Дејствијата се преземани во негово отсуство. Медиумски беше многу покриен, уште неекстрадиран веќе беше осуден. Тој има своја одбрана, не е виновен, немал контакт со обвинетите по основ на кривичните дела, имал контакт по други основи. Обвинетиот ги побара доказите, не е одговорено на неговите барања. Како негов бранител се обратив и до вешти лица, сите одбиваат, никој не сака да соработува. На еден осомничен три дена да му се зема исказ, со сите податоци дадени, заклучуваме дека овој осказ е даден со инструкции. Ќе произлезат такви контрадикторности за кои судот ќе треба да се изјасни. Нема докази дека Палевски бил во Велес на 21 ноември 2023 година, ќе дадеме докази каде бил. Нема траг дека тој го фрлил телефонот на Панче. Телефонот е најден, нема траги од Палчо, туку од трето лице. За останатите обвинети има најдени траги, за Палевски нема. За денот на убиството на Вања има траекторија каде се движел. Баравме од операторот да ни даде локации од базните станици каде бил кога е остварен секој контакт, за ден 27.11.2024 година. Барав од операторот, но од таму ми рекоа дека такви податоци може да дадат со наредба на надлежен орган, па барам да дадете таква наредба. Паушално се набедуваат од ЈО некои дејства дека Палчо планирал и учествувал, има многу недоследности во обвинението. Не бил присутен на тие места, не го организирал и не го извршил убиството на Вања – рече адвокатот на Палевски.

Адвокатите на другите тројца обвинети, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев во воведните говори рекоа дека ќе докажат дека нивните клинети не се изврштители на двојното убиство и дека нема докази против нив за делото за кое се товарат.

– Одбраната дојде до сознанија за објективна празнина во доказите. Од кого е пиштолот, кому е даден, каде е сега – праша адвокатот на обвинетиот Манев.

Поврзани содржини