ОДБРАНАТА БАРА КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ВАСЕВ Обвинет е во 2 обемни предмети, од притвор не може да се брани соодветно, тврди адвокатот Спирковски
Имаме огромен проблем како одбрана, се работи за 2 предмета кои се фантастично обемни, има огромен број на докази и ние едноставно, не можеме да функционираме додека Васев е во притвор, изјави бранителот Боби Спирковски по денешното рочиште за предметот Онкологија 2.
Одбраната на поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев бара Судот да го укине притворот и да определи некоја друга поефикасна мерка, како куќен притвор со гаранција на куќата во која живее и одзмање на патната исправа, со цел, како што велат, да му се овозможи да се брани соодветно и да можат да работат на дневна основа во двата предмети кои се водат против нивниот клиент.
Бранителот на Васев, адвокат Боби Спирковски, по денешното рочиште изјави дека нивните барања постојано се одбиваат и се определуваат нови 30 дена притвор, со што му се загрозува правото на ефикасна одбрана.
– Денеска поднесов предлог за укинување на мерката притвор. Имаме огромен проблем како одбрана, се работи за 2 предмета кои се фантастично обемни, има огромен број на докази и ние едноставно, не можеме да функционираме. Ова е специјализиран медицински предмет, а другиот економскиот, е повторно врзан со неговото знаење и искуство како директор. Ние не можеме да функционираме нормално. Вака од притвор, со вакви 2 предмета со ваква динамика, му се загрозува правото на одбрана на човекот – изјави Сприковски.
Спирковски нагласи дека предметите се многу обемни и во притворот работаат и по три часа.
– За нас е клучно да му се овозможи на доктор Нино Васев да се брани како што доликува, да можеме да работиме како што доликува. Предметите се огромни и бараат негово присуство. Не можеме без него да работиме. Затоа, апелирам на Судот да ни обезбедат услови за работа, за одбрана. Вака не можеме да се браниме – изјави Спирковски.
Судот во мај годинава на Васев и поранешниот организациски директор на Клиниката за онкологија Нехат Нухи им определи мерка „куќен притвор“, но по жалбите Апелација на 20 јуни годинава го укина и го замени со мерка ефективен притвор.
Судењето за „Онкологија 2“, кое се води против поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, Нино Васев и Нехад Нухи, за несовено работење и финансиски криминал, денеска во Основниот кривичен суд продолжи со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Славица Наумовска Јосифовска, а застапник на обвинението е Ана Гоговска Јакимовска.
Обвинетите Васев и Нухи на почетокот негираа вина за делата кои им се ставаат на товар. Одбраната тврди дека обвинението против нив е неосновано и политички монтирано врз основа на економско вештачење од лица кои се исто инкриминирани, наведувајќи дека станува збор за претходниот медицински и економски директор на Клиниката кои биле сменети од Васев.
Кривичниот суд во јуни, годинава го одобри обвинението против поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехад Нухи, за злоупотреби, измама и проневера во службата од 2018 до 2022 година. Против Васев се води уште еден предмет, каде тој заедно со уште двајца други онколози е обвинет за нестручно и несовесно лекување на пациенти.