ОДБРАНА ГИ ПРОДАВА ПРЕКУБРОЈНИТЕ КУЧИЊА Тие не се обучени и ќе им се одберат грижливи сопственици
Со цел обезбедување на правилна грижа на животните кои ги продава, во договорот за купопродажба има одредба во која се задолжува купувачот да посвети потребна грижа за животното и да ги почитува одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните
Потребата за продажба на армиските кучиња е поради поголемиот прираст кој минатата година го имаше Центарот за обука и дресура на кучиња, кој е дел од Армијата и кој е задолжен за обезбедување на државните институции согласно нивните потреби, појасни Министерството за одбрана откако огласот за продажба на 11 армиски кучиња предизвика реакција на социјалните мрежи.
Од Одбрана велат дека продажбата на кучињата има пред сè хуман аспект, тие да добијат соодветен дом и грижливи сопственици.
– Кучињата кои се огласени на продажба не се тренирани, а одлуката за нивна продажба е донесена врз основа на проценка на организационите единици задолжени за тоа. Имено, Министерство за одбрана има природен прираст на кучиња од сопствените легла. Кучињата кои се потребни за Армијата и другите државни органи се распределуваат низ единиците или на другите институции со одлука на Владата, додека бројот на кучиња кој ги надминува потребите се објавува за продажба со јавно наддавање – појаснуваат од Министерството за одбрана.
Оттаму информираат и дека ваков вид јавен оглас за продажба на кучиња Министерството за одбрана објавувало и претходно и зависи од прирастот и потребите на останатите државни институции. Претходниот оглас за продажба на кучиња е објавен во 2016.
– Министерството за одбрана се грижи за доследно почитување на законските одредби од Законот за заштита и благосостојба на животните. Со цел обезбедување на правилна грижа на животните кои ги продава, во договорот за купопродажба има одредба во која се задолжува купувачот да посвети потребна грижа за животното и да ги почитува одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните. Продажбата на кучињата има пред сè хуман аспект, тие да добијат соодветен дом и грижливи сопственици – велат од Одбрана.
Оттаму појаснуваат и дека е потребна промена на законската терминологија, но дека Министерството за одбрана нема ингеренции, но затоа пак мора да ја употреби актуелната законска терминологија.