ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ДЕНОТ НА РЕВОЛУЦИОНЕРНАТА БОРБА Честитки по повод празникот упатија Пендаровски и Џафери

По повод одбележувањето на денот владата денеска во 10:00 часот ќе организира положување на свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк, Скопје.

252

Денеска се одбележува Денот на македонската револуционерна борба.

На 23 октомври 1893 година во Солун била основана Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО), со цел за извојување автономија на Македонија преку револуционерна борба.






Организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор. Формирањето значело почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, а потоа преку НОБ резултира со создавање современа самостојна македонска држава. Овој датум се поврзува со организираната борба на македонскиот народ и народите кои живееле во Македонија за формирање независна држава.

По повод одбележувањето на денот владата денеска во 10:00 часот ќе организира положување на свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк, Скопје.

На настанот ќе биде присутна владина делегација составена од Роберт Алаѓозовски, национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Празникот се празнува од 2007 година кога бил донесен и изгласан новиот закон за државни празници.

Честитки по повод празникот упатија претседателот на државата Стево Пендаровски, како и претседателот на собранието Талат Џафери.

Без разлика на вера, етникум, идеологија, партиска или каква било припадност да се обединиме околу идејата за демократска, развиена, напредна и просперитетна Република Северна Македонија, порачува претседателот Стево Пендаровски во неговата честитка за 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

– Да ги надминеме предизвиците на нашето време, да си ја сакаме и чуваме државата, да не се арчиме со меѓусебни судири и да го оставиме личниот интерес и суетите настрана. Да продолжиме да градиме иднина, инспирирани од родољубието, пожртвуваноста и од хероизмот на нашите револуционери – вели шефот на државата.

Датумот на основањето на македонската револуционерна организација, нагласува Пендаровски, е пресвртната точка од која започна долгиот и макотрпен пат за создавање на независна македонска држава.

– Благодарение на визијата на тогашните напредни интелектуалци за слобода и за правда, се осмисли почетокот за револуционерна борба и се обединија прогресивните сили во стремежот за остварување на националните и социјални идеали. Во македонската револуционерна организација имаше различни пристапи, концепти, идеолошки сфаќања, но секогаш само една и единствена заедничка идеја ‒ Македонија слободна и независна – пишува Пендаровски во честитката.

Празникот го честиташе и претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој вели дека секоја генерација е со своето бреме и ова е убава можност да се потсетиме на сите храбри и тешки одлуки кои биле донесени за градењето на државата. Успешна и демократска држава, вели тој, е можна ако биде сплотени.

– Современата историја не става во искушенија кои стојат пред нас на патот на исполнување на нашата зацртана цел и ова е убава прилика да се потсетиме на сите храбри и тешки одлуки кои беа донесени низ годините за градењето на државата и оддавањето почит на големите луѓе со визија и нивната несебична пожртвуваност. Идејата за современа, стабилна, успешна и демократска држава која обезбедува добар, квалитетен живот и благосостојба по европски терк и стандарди за сите свои граѓани кои се активни учесници во позитивните промени во Република Северна Македонија е остварлива само ако бидеме сите сплотени кон таа заедничка цел. Само тогаш ќе ја надминеме секоја препрека и невозможното ќе биде возможно! – вели Џафери.

Денешниот ден е неработен за сите граѓани.

Поврзани содржини