OДБЕЛЕЖАН СВЕТСКИОТ ДЕН НА ДИЈАБЕТЕСОТ Институциите се обврзаа да обезбедат пристап до современи и иновативни терапии

Во земјава има 131.000 пациенти со дијабет, од кои 46.000 се на инсулин. Загрижувачка е и бројката на 800 деца кои се на инсулин, главно тип 1 дијабет.

176

Еден век инсулин, односно сто години од научното откритие на инсулинот за терапевтски цели, како почетокот на успешно справување со дијабетесот е годишниот мотив за одбележување на Светскиот ден на дијабетесот. Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – БАЛАНС МК вечерва организираше настан на кој го одбележа 14 ноември – Светскиот ден на дијабетесот.

Во своето обраќање Зоран Гучев, раководителот на Одделот за Ендокринологија при Клиниката за детски болести – Скопје информираше дека во земјава има 131.000 пациенти со дијабет, од кои 46.000 се на инсулин. Загрижувачка е и бројката на 800 деца кои се на инсулин, главно тип 1 дијабет.






– Имајќи предвид дека дијабетесот зазема се поголеми размери и се повеќе ги напаѓа децата, само зголемувањето на свеста и актуализирање на проблематиката не е доволно. Пандемијата за жал покажа дека меѓу најранливите категории се лицата со дијабетесот. Потребно е како општество да ги ангажираме сите ресурси и потенцијали во справување со дијабетесот – рече претседателот Стево Пендаровски.

Пендаровски посочи дека е императив треба да биде набавката на сите уреди што им помагаат на луѓето со дијабет да живеат и да функционираат нормално. Тој додаде дека не смееме да доцниме зад светот и да дозволиме децата да немаат пристап до современи и иновативни терапии, како и кон медицинско технички системи, како што се системите за континуирано следење на ниво на шеќерот во крвта, можност што им е понудена на децата во Европа и регионот.

Министерот за здравство, Венко Филипче во своето обраќање истакна дека од голема важност е да се унапреди животот на пациентите кои имаат дијабет.

– Во изминатите години напорно работевме во делот на иновативна терапија, инфраструктура во болниците и технолошките пронајдоци што ќе го олеснат животот на овие пациенти. Со измена на Законот за увоз на лекови, се укина Законот за паралелен увоз на лекови, со што престанаа да се носат инсулини на непроверен и несоодветен начин од Турција – рече  Филипче.

Тој додаде дека Министерството за здравство ја унапреди и програмата, со што се донесоа три нови инсулини и два нови препарати, со коишто полесно и во помала доза ја контролираат гликемијата, но и го зголемуваат квалитетот на животот на пациентите со дијабет.

На настанот се обратија и  Зорица Наумовска, вонреден професор на Факултетот за фармација, Диме Велев, претседател на СЗДМ (Сојуз на здруженија на дијабетичари на Македонија) и Наташа Деспотовска Димитриевска, претседател на БАЛАНС МК – Асоцијација за детски дијабетес на Македонија.

Во рамки на настанот беше прикажана и изложба посветена на откривањето и развојот на инсулинот и пропратните помагала за неговото користење. По принцип на времеплов, изложбата раскажува за појавата на инсулинот, неговиот пат, научен развој, практична примена и неговото суштинско значење за луѓето со дијабетес. Беа изложени и факти за изумителите на првиот инсулински препарат, првите корисници и начинот на користење на инсулинот.

Во светот 537 милиони луѓе имаат дијабетес. Во земјава во 2020 година од дијабетес заболеле 7.432 лица, а починати се 1.365 лица од дијабетес мелитус.

Поврзани содржини