ОД ЗЕЛЕНИКОВО ДО СКОПЈЕ ЗА 25 МИНУТИ Почна првата фаза од „Градски воз“, ќе биде готова за половина година

Со ремонтот на железничката пруга од Зелениково до Скопје, граѓаните ќе добијат побрз и поеколошки превоз, а дизел-возовите целосно ќе бидат заменети со електрични.

214

Од Железничката станица Зелениково до центарот на Скопје наскоро ќе се патува за само 25 минути, а од Драчево до градот за околу 11 до 13 минути.

Ова го најави директорот на ЈП „Железници инфраструктура“, Синиша Ивановски, при увидот на ремонтните активности на пругата, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.






Се работи за првата фаза од проектот „Градски воз“, која опфаќа ремонт на 25 километри железничка линија од Зелениково до Скопје. Според Ивановски, во тек се и активности на делницата Драчево – Илинден, долга 7,7 километри, која ќе биде наменета исклучиво за товарен сообраќај.

– Првата фаза на „Градски воз“ ќе биде завршена за најмногу шест месеци. Втората делница, од Драчево до Илинден, ќе биде готова до Нова година. И двете пруги се електрифицирани, што значи дека дизел-возовите нема да влегуваат во Скопје – изјави Ивановски.

На оваа траса се наоѓаат седум железнички станици, кои ќе овозможат побрзо, поефикасно и поеколошко патување до центарот на градот.

Ремонтот на делницата Драчево – Илинден чини 3 милиони евра, а реконструкцијата од Зелениково до Скопје 5,7 милиони евра.

– Ова е значаен проект кој ќе ја подобри мобилноста во регионот и ќе придонесе за намалување на загадувањето – додаде Ивановски.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека Град Скопје ќе се вклучи логистички во процесот, а новите железнички точки ќе се поврзат со мрежата на ЈСП „Скопје“ за подобра координација на јавниот превоз.

– Она што некогаш изгледаше како сон, денеска станува реалност. Конечно нудиме алтернатива за граѓаните, особено по проблемите со нефункционалноста на ЈСП – рече Ѓорѓиевски.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски нагласи дека визијата за „Градски воз“ конечно се реализира.

– Со ремонтот на делницата од Драчево до Илинден ќе се зголеми и карго сообраќајот, а со тоа и економската ефикасност – изјави Николоски.

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека проектот ќе помогне да се растовари сообраќајниот метеж во Скопје и да се намали емисијата на штетни честички во воздухот.

– Ова е еден од проектите што директно придонесуваат за почист воздух. Конечно го започнуваме и БРТ системот, кој ќе бара изградба на нов мост преку Вардар. Сите овие инфраструктурни проекти ќе имаат позитивно влијание врз животната средина и ќе го намалат загадувањето во текот на целата година – изјави премиерот.

Директорот Ивановски најави дека следната година ќе започне проектирањето на втората делница од „Градски воз“  од Волково до Скопје, а во 2027 година ќе започне изградбата на последниот дел, Миладиновци – Илинден – Скопје.

Поврзани содржини