Од утре сите граѓани со маски во маркетите, банките, пазарите

1,738

Премиерот Оливер Спасовски попладнево најави дека од утре сите граѓани при пазарење во маркети, одење во банки или на отворени простори, на зелените пазари, ќе мора да носат заштитна опрема.

– При секое излегување надвор строго да се придржуваме до мерките за лична заштита, да носиме заштита за лицето, односно носот и устата – маска, марама или шал, да држиме физичка дистанца од два метра и да не се групираме затоа што само така го штитиме сопственото и јавното здравје – порача Спасовски.






Физичката прекривка на носот и устата кај сите граѓани, рече Спасовски, ќе овозможи прекин на преносот на вирусот. Повеќето заболени од коронавирусот, информираше премиерот, заболуваат преку вдишување на капки со вирусот издишани или искашлани од некој во непосредна близина.

– Физичката прекривка на носот и устата ќе го спречи тоа. Оваа мерка ќе важи за територијата на целата држава и ќе почне да се применува од утре, четврток, 23 април – рече Спасовски.

Според новите мерки, заштитната опрема задолжително треба да се носи во сите затворени јавни места каде што има повеќе лица како маркети, продавници, банки, пошти, здравствени установи, како и при користење на јавен превоз. На отворено заштитна опрема задолжително се носи на пазари и на отворени простори каде нема можност да се одржува физичката дистанца од два метра до другите лица во близина. На отворено заштитна опрема не се носи само ако се престојува во дворот, или терасата од сопствените домови, на велосипед, при спортување на отворено или во патничко возило со лица со кои живеете во заедница или домаќинства.

– Задолжителна е изолација после тестирање. Тоа значи дека сите домашни и странски физички лица без оглед на тоа дали имаат симптоми или не после тестирањето влегуваат во задолжително самоизолирање се до добивање на резултатот од тестот. Оваа мерка е утврдена со Уредба со законска сила која влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник“ , а ќе се применува до крајот на пандемијата прогласена од СЗО- информираше Спасовски.

Премиерот апелираше мерките да се почитуваат и нагласи дека намерата на Владата не е да казнува, туку да се подигне свесна и индивидуалната одговорност. Според него новите мерки водат кон стабилизација и кон дефинирањето на нови околности во кои животот ќе продолжи.

Поврзани содржини