Од утре полицискиот час ќе трае од 20 до 05 часот

Угостителските објекти ќе бидат затворени во следните две недели од 07 до 20 април.

1,390

Од утре полицискиот час ќе почнува од 20 часот до 05 наутро и така ќе биде до 20 април, а угостителските објекти ќе бидат затворени во следните две недели, односно од 7 до 20 април. Ова на прес-конференција со соопшти премиерот Зоран Заев, по завршувањето на итната владина седница, како дел од новите рестриктивни мерки поради влошената состојба со ковид-19 во земјава.

Тој дополни дека ваквите чекори се преземени на барање на Главниот координативен кризен штаб, кој побарал од Владата веднаш да се реагира со новите мерки, затоа што третиот бран од пандемијата со ковид-19 во Македонија веќе почна да ескалира.






– Британскиот сој во земјата зема сѐ поголем замав. Со оваа ситуација се соочуваат земјите во регионот, Европа и во светот. Овој вид заразува многу полесно и многу побрзо и најчесто резултира со исклучително тешки последици по човековото здрвје. Од овие причини, по воочувањето на Филипче и Караџовски, а во пресрет на затоплувањето и на големите празници, а согласно потребата да ги одмориме здравствените работници, се одлучивме за воведување нови рестриктивни мерки – изјави Заев.

Како прва мерка е воведена забраната за движење на граѓаните од 20 часот до 05 часот следниот ден и таа ќе важи од утре па сѐ до 20 април на целата територија. Второ, граѓаните кои извршиле имунизација во центрите за вакцина, за временскиот период непосредно пред почетокот на полицискиот час ќе им биде издадена потврда и тие ќе можат да се вратат во своите домови.

– Целосна забрана за посетители има во сите угостителски објекти и други објекти кои даваат угостителски услуги, како и во угостителски објекти дел за исхрана во објектите за сместување или на бензински станици. Оние угостителски објекти кои вршат подготовка и продажба на храна можат да остваруваат продажба на алтернативни начини, онлајн или телефонски нарачки и сите заедно да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од објектот – соопшти Заев.

Исклучок од овие мерки се угостителските објекти на двата аеродрома во Македонија, Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Апостол Павле“ во Охрид, како и угостителските објекти кои се дел од сместувачките објекти и ќе бидат исклучиво за гостите кои се сместени во објектите.

Поврзани содржини