ОД УТРЕ ПОБРЗО И ПОЕВТИНО ЌЕ СЕ ПЛАЌА ВО ЕВРА Земјава официјално станува дел од единствената област за плаќање во евра (СЕПА)

На 6 март годинава Европскиот совет за плаќања ја прифати апликацијата на нашата земја, со што станавме членка на СЕПА, со што им се овозможува  приклучување на домашните банки во платежните шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 40 земји членки.

1,375

Од утре земјава и практично станува дел од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) со што граѓаните и компаниите ќе можат да вршат плаќања во евра на ист начин како и во земјите од Европската унија.

„Од утре, 7 октомври, плаќањата во евра со земјите од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) ќе бидат околу 6 пати поевтини и побрзи! Плаќање од 500 € кое досега чинеше околу 1.600 денари, од утре ќе чини околу 260 денари. #СЕПА значи побрзи, поевтини и посигурни плаќања во евра за граѓаните и компаниите“, напиша денеска гувернерот на Народната банка Трајко Славески на платформата „Х“.






СЕПА ќе им овозможи на граѓаните и компаниите во земјава да вршат и примаат плаќања во евро на ист начин како во земјите од Европската Унија и пошироко.

Тоа значи дека:

  • надоместоците за трансакции во евро ќе бидат значително пониски во споредба со досегашните меѓународни плаќања,
  • парите ќе стигнуваат до примателот најчесто во рок од еден работен ден, без разлика дали плаќањето оди во Германија, Франција или било која друга СЕПА земја.
  • Наместо задолжителна посета на експозитура и обемна документација, како што беше досега, СЕПА плаќањата ќе може да се иницираат преку електронско и мобилно банкарство, што носи поголема удобност и заштеда на време.

За бизнисите, ова значи намалување на административните и финансиските бариери при соработка со европски партнери.  За граѓаните, пак, полесно праќање и примање пари – без редици и хартиена документација, директно од сопствениот телефон или компјутер.

Според објавените официјални тарифи на овие 9 банки, плаќањата во евра со земјите од СЕПА се повеќекратно поевтини во споредба со постоечкото кореспондентно банкарство. Притоа, банките нудат пониски надоместоци за електронските плаќања во споредба со плаќањата на шалтерите.

Граѓаните ќе им плаќаат на банките во просек за шестпати помалку за електронско плаќање на износ од 500 евра кон земјите од СЕПА, коешто чини околу 260 денари наспроти 1.600 денари колку што плаќаат во моментов преку кореспондентното банкарство. За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, граѓаните ќе плаќаат во просек двојно помалку, односно 140 денари наспроти 280 денари преку кореспондентното банкарство.

Трошоците на компаниите кон банките исто така значително се намалуваат.

Така, за плаќање во евра кон земјите во СЕПА на износ од 20.000 евра компаниите ќе плаќаат во просек за осумпати помалку, односно надоместокот ќе изнесува околу 570 денари наспроти 4.740 денари преку кореспондентното банкарство. За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, компаниите ќе плаќаат во просек тројно помалку, односно околу 390 денари наспроти 1.180 денари преку кореспондентното банкарство.

Девет банки веќе се целосно подготвени да започнат со извршување плаќања во рамките на шемата за кредитни трансфери СЕПА  од утре. Согласно објавениот календар на Европскиот совет за плаќања, од 7 октомври 2025 година, плаќањата ќе бидат овозможени преку „НЛБ банка” АД Скопје, „Стопанска банка” АД Скопје, „Комерцијална банка” АД Скопје, „Шпаркасе банка” АД Скопје, „Халк банка” АД Скопје, „Прокредит банка” АД Скопје, „ТТК банка” АД Скопје, „УНИ Банка” АД Скопје и „Централна кооперативна банка” АД Скопје.

Останатите три банки интензивно работат на интеграцијата во оваа шема на СЕПА и се очекува дека ќе завршат најдоцна до крајот на првиот квартал од 2026 година, согласно рокот утврден со одлука на Народната банка.

На 6 март годинава Европскиот совет за плаќања ја прифати апликацијата на нашата земја, со што станавме членка на СЕПА, со што им се овозможува  приклучување на домашните банки во платежните шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 40 земји членки.

Поврзани содржини