ОД ТРЕНИНГ ПО „ОЛИМПИСКА ЧАШКА“ ДО АВИОН Финска го врати дома селекторот Медвед
Селекторот Игор Медвед денеска се врати дома, а прашањето е поврзано со консумирање алкохол. Прекршувањето на правилата на нашиот тим го сфаќаме сериозно и веднаш реагиравме, изјави шефот на Финскиот олимписки комитет, Јане Ханинен.
Олимпиското село во Предацо остана без еден селектор. Финска експресно го врати дома својот тренер во скијачки скокови поради прекршување на тимските правила.
Финскиот олимписки комитет соопшти дека Словенецот Игор Медвед е разрешен од ангажманот на Зимските олимписки игри 2026 поради консумирање алкохол. 44-годишниот тренер веќе го напуштил олимпиското село и се извинил.
– Медвед денеска се врати дома, а прашањето е поврзано со консумирање алкохол. Прекршувањето на правилата на нашиот тим го сфаќаме сериозно и веднаш реагиравме – изјави шефот на Финскиот олимписки комитет, Јане Ханинен.
Финската скијачка асоцијација најави дека случајот ќе добие целосна разрешница по завршувањето на ЗОИ 2026. Од таму посочија дека станува збор за однесување кое ги прекршило правилата и вредностите на тимот.
– Направив грешка. Многу ми е жал. Сакам да му се извинам на целиот тим на Финска, на спортистите и навивачите – рече Медвед.
Тој додаде дека нема дополнително да го коментира случајот.
Медвед ја презеде финската репрезентација на почетокот од минатата сезона. Претходно ја водел словенечката Б-репрезентација во скијачки скокови. Финска сега ќе мора брзо да реагира во пресрет на продолжението на натпреварувањата во Милано и во Кортина.