Од трагедија до здравствен систем без импровизација

Системот не се создава со една одлука и една изјава, туку со континуитет на воведување стандарди, протоколи, опрема, логистика, обуки, вежби, координација меѓу институциите и сериозен процес на лиценцирање. Мојата цел како министер за здравство е да изградиме капацитет што во момент на несреќа ќе го претвори стравот во институционален ред, неизвесноста во организиран одговор, а трагедијата во поука што создава посилен систем.

51

Македонија помина низ неколку трагични настани што ни ја повторуваат истата лекција, секојпат на потешкиот начин, а тоа е кога ќе се случи несреќа со многу повредени, здравствениот систем мора да реагира брзо, организирано и усогласено, без оглед на тоа каде се случила несреќата и колку е „неочекувана“. Автобуската несреќа во Ласкарци, пожарот во модуларната болница во Тетово и последниот случај со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани не се само различни трагедии со голем број на повредени и жртви, тие се ист тип на шок за системот. Во краток временски период создаваа просторна концентрација на потреби: многу повредени на едно место, нагло преоптоварување на итните служби, потреба од брза тријажа, транспорт и болничко згрижување, како и потреба сите институции да работат усогласено како дел од една функционална мрежа. Во тие минути и часови, не се доволни само посветеноста и стручноста на луѓето, потребни се и стандарди, протоколи и капацитети што се веќе подготвени за „првиот удар“.

Не оставам простор за сомнеж во пожртвуваноста и професионалноста на лекарите, медицинските сестри и сите останати служби што реагираа во овие трагични настани, тие ја носеа тежината на државата на свој грб. Но токму поради нив, нашата обврска е да изградиме систем што ќе им даде уште поголема поддршка, односно да воспоставиме структуриран механизам за брзо распоредување на ресурсите, со прецизно дефинирани улоги, унифицирани протоколи и логистика што се активира по стандардизирани процедури.






Како министер го гледам здравството како комплексен систем со ограничени ресурси, кој мора да функционира и кога условите се најлоши. Во криза, најголемата опасност не е само недостигот од ресурси, туку губењето време поради нејасни процедури, слаба координација и непрецизни линии на одговорност. Затоа денес, кога зборуваме за формирање на национален Emergency Medical Team (EMT) Тип 1, не зборуваме за симболика, туку за практичен инструмент на здравствената безбедност.

EMT Тип 1 е институционално дефиниран капацитет кој се одликува со стандардизиран, лиценциран тим усогласен со критериумите на Светската здравствена организација, кој обезбедува амбулантни услуги со висок дневен капацитет, се распоредува брзо и притоа е самоодржлив. Неговата улога е да ја преземе првата линија на амбулантна грижа во момент кога постојните служби се преоптоварени, односно да спроведе тријажа, да обезбеди итен амбулантен третман, да стабилизира пациенти и да воспостави патеки на упатување кон болниците и клиниките. Тој е тим што функционира по строго дефинирани стандарди и методи на работа, со опрема, логистика, правила за безбедност, дисциплина на известување и комуникација со останатите сегменти на системот.

Важно е да бидеме прецизни околу тоа каде реагира ваков тим. EMT Тип 1 е предвиден за кризи кои неочекувано се случуваат и се одликуваат зголемен број повредени или пациенти во краток временски период – пожари во затворен простор, експлозии и индустриски хаварии, колапс на објекти, масовни сообраќајни несреќи и транспортни катастрофи, земјотреси, поплави и големи пожари – ситуации во кои во рок од неколку минути и/или часови се појавува концентрирана потреба за итна амбулантна грижа и тријажа на терен, со координирано упатување кон болничката мрежа.

Во Македонија, процесот за воспоставување и лиценцирање на национален EMT Тип 1 е отпочнат и е во тек. Тоа значи дека веќе не сме во фазата на декларативни најави, туку во фаза на градење систем. Поставуваме правна и институционална рамка, вршиме усогласување со меѓународните стандарди, идентификација на кадар, опрема и инфраструктура, изработка на стандардни оперативни процедури, обуки и симулациски вежби, теренска проверка и лиценцирање. Станува збор за процес што бара трпение и дисциплина, бидејќи не правиме нешто што треба да изгледа добро на фотографија, туку нешто што треба да функционира во најтешки услови.

Политичката и системската нијанса која ја поставуваме е израз на зрелоста на државата, затоа што во несреќа граѓаните не прашуваат кој е на власт – прашуваат дали има ред, дали има план, дали некој ја гледа ситуацијата „одозгора“ и дали системот може да издржи. Подготвеноста на здравствениот систем која ја засилуваме преку воспоставување на EMT Тип 1 го намалува факторот на случајност во институционалниот одговор при вакви кризни моменти.

Во EMT концептот има една инженерска логика, станува збор поставување на јасни контактни точки меѓу службите, минимизирање на „слабите места“ во координацијата, резервни решенија таму каде што времето е најкритично и дисциплина во протоколите за тријажа и масовни повреди. Ако во информатиката секој систем мора да има следење и записи за да се донесат правилни одлуки, во кризното здравство мора да имаме оперативни податоци што спасуваат време, односно единствена идентификација на пациентите, јасен тек на упатување и минимален сет на информации што им помага на координаторите да ја распределат тежината помеѓу ситуацијата на теренот и болниците.

Но најважниот ефект од воспоставување на националниот EMT Тип 1 нема да завршува со самиот чин интервенцијата. Овие тимови ќе бидат и носители на знаење што ќе се пренесе и во системот на Брзата помош низ државата. Не постои поголем капитал од практиката која се претвора во стандард за обуки, симулациски вежби, усогласени протоколи, заеднички комуникациски рутини, анализа по кризен настан и корекција на слабостите. На овој начин отпочнуваме да градиме култура на подготвеност и тоа не како израз на страв од иднината, туку како засилување на професионалната сигурност на здравството дека знаеме што правиме.

Има уште една димензија на овој концепт која сакам да ја посочам, а тоа развојот на солидарната улога на здравствениот систем. Кога ќе изградиме национален капацитет по меѓународни стандарди, Македонија не само што ќе биде посигурна дома, туку ќе може да помогне и надвор кога некоја држава од регионот или пошироко ќе има потреба. Тоа не е прашање на престиж, туку на одговорност и припадност во кругот на земји што градат капацитети за заедничката подготвеност да се одговори на кризи со голем број на повредени.

На крајот, оваа тема е политичка токму затоа што е системска. Системот не се создава со една одлука и една изјава, туку со континуитет на воведување стандарди, протоколи, опрема, логистика, обуки, вежби, координација меѓу институциите и сериозен процес на лиценцирање. Мојата цел како министер за здравство е да изградиме капацитет што во момент на несреќа ќе го претвори стравот во институционален ред, неизвесноста во организиран одговор, а трагедијата во поука што создава посилен систем.

Минутите во криза се најстрогиот испит на државата и подготвеноста на нејзиниот здравствен систем да одговори. Затоа денес интензивно го водиме процесот за воспоставување на EMT Тип 1 со инженерска прецизност, човечка грижа и политичка одговорност да не ја оставиме судбината на граѓаните на случајност, туку на систем што знае да реагира кога е најпотребно.

Поврзани содржини