Од толку многу полиња за соработка, Софија ја одбра ливадата што ја газат „говедата“ на Ванчо Михајлов?!
Во моментов односите меѓу Бугарија и Македонија може да се сведат само на наследството оставено од Ванчо Михајлов, за кого Македонците се само говеда и ништо повеќе.
Циркусот „Ванчо Михајлов“ што во саботата настапи во Битола, не престанува да ја возбудува македонската јавност, која како маѓепсана потскокнува на секоја уметничка провокација од гостувачката актерска секција, составена од актуелни и од поранешни бугарски функционери.
Со само еден настап на „примадоната“ Илијана Јотова и нејзиниот „партнер“ Кирил Петков, заедно со пратечките „изведувачи“ Каракачанов и Захариева, Бугарија на Македонците им покажа каква иднина им посакува. Им ја посакува „културата“ на Ванчо Михајлов. Сатрапот на македонскота револуционерна организација и соработникот на фашистите и на нацистите, кој само во Бугарија шест пати бил осудуван на смртна казна.
Но и не треба да ни биде криво. Сега барем знаеме дека во третата декада од 21 век, Бугарите во добрососедските односи ја промовираат личноста од најмрачниот период на 20 век. Поминаа 70 години од Втората светска војна, а нашите соседи сè уште не можат да сфатат дека тогаш не биле добрите момци, а и дека нивната војска била окупаторска.
Тоа што на мене најмногу ми пречи во циркусот со Ванчо Михајлов е отсуството на навремена реакција на македонскиот државен врв. Си ги оставивме Бугарите со полициска придружба да ја забавуваат публиката во Битола, надевајќи се дека никој ништо нема да слушне или да види. Дека циркусот ќе се спакува и ќе отпатува, а веќе наредниот ден работите ќе се вратат на старо.
Рака на срце, претседателот Стево Пендаровски веднаш кажа дека соработник на фашистите не може да биде историската личност која ќе ги спојува двата народа, но надежите дека ова јуначење ќе биде поддржано и од Владата, спласнаа со оценката „Ванчо Михајлов е контроверзната историска личност“, објавена во соопштението од премиерот Димитар Ковачевски.
Истиот тој премиер знае да биде бескомпромисен во преговорите со синдикалните организации, одлучно да ги одбива предлозите за покачување на социјалната помош што ја добиваат децата со посебни потреби, но кога е во прашање бугарската политика кон Македонија, тогаш на него му се потребни денови за да ги пронајде вистинските зборови, за да дополнително не ги искомплицира последиците од провокацијата на Петков и на Јотова.
Очигледно е дека циркузантите од двете страни на граница сега со нетрпение чекаат некоја нова глупост да го сврти вниманието на јавноста, па тие да продолжат да си глумат преговори, да си се посетуваат, да разговараат, да позираат пред камери и да не прават ништо битно со што навистина ќе се развие добрососедството.
На сите треба да ни биде јасно дека Бугарија и Македонија треба да имаат извонредно добри врски на сите можни полиња на кои е потребна соработка. Економски, образовни, научни и инфраструктурни релации, како и соработка во туризмот, спортот и во културата. Епизодата со „Ванчо Михајлов“ ни ја покажа голата вистина на реалните, актуелни односи меѓу двете држави. Тоа мора да се промени и мора час поскоро да се изнајде сила конечно да се заврши со Втората светска војна. Да го потпишеме мирот.
За жал, во моментов односите меѓу Бугарија и Македонија може да се сведат само на наследството оставено од Ванчо Михајлов, за кого Македонците се само говеда и ништо повеќе.