ОД ТИК-ТОК СЛАВА ДО ПОЛИЦИСКА ИСТРАГА Која е оваа жена и зошто целиот свет ја следи нејзината драма со поранешниот партнер?
Интернетот последниве денови е опседнат со драмата на Тејлор Френки Пол и нејзиниот поранешен партнер Дакота Мортенсен, но зад виралните видеа и меѓусебните обвинувања стои приказна што оди многу подалеку од класичен „селебрити“ скандал.
Инфлуенсерката и ријалити ѕвезда Тејлор Френки Пол изминативе недели е во центарот на вниманието – но овојпат не поради содржините на социјалните мрежи, туку поради една од најексплозивните јавни драми годинава. Во фокусот е нејзиниот поранешен партнер Дакота Мортенсен, со кого има дете, а нивниот однос денес е предмет на полициска истрага, судски постапки и снимки што го шокираа интернетот.
Тејлор се прослави преку Тик-Ток заедницата „MomTok“, каде со група млади мајки го споделуваше секојдневието. Нејзината популарност нагло порасна во 2022 година, кога јавно проговори за отворените односи во рамки на својата друштвена група – тема што предизвика огромен интерес. Тоа ја извади од светот на инфлуенсерите и ја внесе во поширокиот медиумски простор, а подоцна стана и ријалити ѕвезда во шоуто The Secret Lives of Mormon Wives.
@taylorfrankiepaul This is my team, and I have a feeling more players will be added, combined, blended, not sure but I do know doesn’t end here. @andretorrero
Во 2024 година добиле дете, но тоа не донело стабилност – напротив, проблемите продолжиле и по конечниот раскин кон крајот на истата година.
Ситуацијата добива сериозен карактер на почетокот на 2026 година, кога полицијата потврдува дека води отворена истрага за семејно насилство. Случајот дополнително се комплицира бидејќи обвинувања има од двете страни. Во февруари се случува нов инцидент по кој интервенираат полицијата и социјалните служби, а приказната излегува од рамките на приватен конфликт и станува јавен случај. Во истрагата се вклучени и служби за заштита на деца, а двајцата родители се упатени на психолошки проценки. Во меѓувреме, целосно го прекинуваат директниот контакт.
Пресврт се случува кога во јавноста протекува снимка од 2023 година. На видеото се гледа како Тејлор, за време на расправија, фрла предмети кон Дакота, додека детето е во непосредна близина. Според наводите, детето во еден момент било и погодено – што дополнително ја шокира јавноста и отвора прашања за безбедноста во тој однос. Токму оваа снимка ја претвора приказната во глобална тема.
По објавата, двете страни изнесуваат спротивставени верзии. Тејлор тврди дека видеото е извадено од контекст и дека не го прикажува она што му претходело на инцидентот. Таа го обвинува Мортенсен за долгогодишно емоционално и физичко насилство и вели дека и самата била жртва. Воедно признава дека поминува низ исклучително тежок период под голем емоционален притисок.
Од друга страна, Мортенсен ги отфрла сите обвинувања и тврди дека никогаш не бил насилен. Нагласува дека негов приоритет е безбедноста на детето и презема правни чекори, вклучително и барање за забрана за приближување.
Денес, Тејлор и Дакота повеќе не се заедно и не комуницираат директно. Контактот околу детето оди преку трети лица, додека истрагата сè уште е во тек.
Иако на социјалните мрежи оваа приказна често се сведува на уште еден вирален скандал, во својата суштина станува збор за многу посериозна ситуација – со правни, семејни и безбедносни импликации кои допрва ќе добијат разврска.