ОД ТЕСЛА ДО ВСЕЛЕНАТА, МАСК ГО НАПРАВИ НЕВОЗМОЖНОТО Прв човек кој има богатство од над 600 милијарди долари
Продажбата на акции во Спејс-Икс ја удвои вредноста на компанијата и го искачи Илон Маск на ниво што никој досега не го достигнал.
Илон Маск испиша нова страница во светската бизнис-историја, станувајќи првата личност чија проценета нето вредност ја надмина границата од 600 милијарди американски долари, покажуваат најновите пресметки на списанието Форбс.
Експлозивниот раст на неговото богатство доаѓа по серија интерни продажби на акции во Спејс-Икс, вселенската компанија што Маск ја основа и ја води, при што дел од вработените и инвеститорите ги продале своите удели по значително повисока цена. Токму таа цена Форбс ја зема како основа за новата проценка на вредноста на компанијата, што директно влијаеше и врз богатството на Маск.
Само неколку часа претходно, Форбс ја проценуваше нето вредноста на Маск на околу 500 милијарди долари, но новите податоци ја поместија границата далеку повисоко.
Најголемиот дел од богатството на Маск е поврзан со неговите удели во Тесла и Спејс-Икс. За разлика од производителот на електрични возила, Спејс-Икс е приватна компанија, што значи дека нејзината вредност не се утврдува преку берза, туку преку интерни трансакции и инвестициски рунди.
Врз основа на последните продажби на акции од страна на вработените, Форбс ја процени вредноста на Спејс-Икс на околу 800 милијарди долари, двојно повеќе од претходната проценка од 400 милијарди. Со оглед на тоа што Маск поседува околу 40 отсто од компанијата, оваа ревизија драматично ја зголеми и неговата лична нето вредност, која според најновите бројки достигнува дури 677 милијарди долари.
Со ова достигнување, Маск не само што ја зацврсти позицијата како најбогат човек на планетата, туку постави и нов, досега незамислив финансиски рекорд.