Од страв ретко кој седнува на кафе или на семеен ручек во кафеаните
И министерот за економија, Крешник Бектеши поднел барање до Комисијата да се преиспита Протоколот за работа на угостителските објекти.
Речиси една недела мина откако по посебени протоколи угостителските објекти ги отворија вратите за посетителите, но според тоа што може да се забележи повеќето кафеани, ресторани и кафулиња се речиси празни, нешто на што не сме навикнати во овој период од годината.
Причината за тоа се секако соодветните протоколи донесени од Комисијата за заразни работи под кои услови треба да работат угостителските објекти во време на пандемијата на коронавирусот, но тука е и стравот кај граѓаните да седнат на кафе или на семеен ручек.
Со некои од угостителите со кои разговараше „Плусинфо“, во моментов покрај ограничениот број маси на терасите, најголем проблем за нив е мерката која се однесува на бројот на лица на една маса кои не се од исто семејство. Како што велат, тоа спречува пријатели, познаници, колеги, подалечни роднини да седнат во угостителски објект и да ги користат нивните услуги.
– Кога ќе дојдат 3-4 лица, ние треба да бидеме инспектори, да проверуваме лични карти, за што немаме право да легитимираме, а според протоколот не смееме да дозволиме тие да седнат на иста маса, затоа што може да добиеме казна – вели за „Плусинфо“ еден угостител.
Исто така, додаваат дека поради малите тереси кои ги имаат и бројот на маси кои треба да ги постават на соодветно растојание, некои воопшто немаат есап да работат, затоа што и покрај тоа што немаат доволно гости, тука се и трошоците кои треба да се покријат, а немаат од каде.
– Како да направиш набавка, да им платиш на вработените, потоа струја, вода и слично, а имаш само неколку маси од кои треба тоа да го реализираш. Како што гледате слабо имаме гости, можеби и новите податоци за заболени од ковид-19 ги спречуваат луѓето да седнат да се напијат кафе или нешто да каснат – ни рече угостителот со кој разговаравме.
Тие се надеваат дека во најскоро време можеби ќе дојде до некоја измена во протоколот за работа на рестораните, затоа што во него се вклучени само оние кои имаат летни тераси, но не и оние кои имаат само внатрешен дел. Секако, треба да се реши и проблемот со бројот на лица кои можат да седат на една маса, а не се од исто семејство.
Министерката за финансии Ангеловска пред неколку дена одговори токму на ова прашање за евентуалните промени во протоколот за работа на угостителите, во чие носење биле и тие вклучени, но сепак, мислењето на епидемиолозите е клучно.
– Мора да ги слушаме епидемиолозите зашто здравјето е најбитно. Протоколите е нормално да претрпуваат измени, но многу е важно сите да бидеме дисциплинирани и да се заштитме сами, без некој да нѐ критикува или опоменува. Ќе бидеме флексибилни, но кои би биле дополнителните измени на протоколите ќе зависи и од граѓаните и од угостителите – рече Ангеловска.
Последните информации говорат дека и министерот за економија, Крешник Бектеши поднел барање до Комисијата да се преиспитаат членовите 8 и 9 од Протоколот за работа на угостителските објекти, а се очекува тоа да биде разгледано на некоја од следните владини седици и да се донесе одлука во врска со ова прашање.