ОД СОЛИДАРНИОТ ДАНОК СОБРАНИ РЕЧИСИ 36 МИЛИОНИ ЕВРА На тие што не го платиле ќе им бидат блокирани сметките
На 6 ноември ќе ги доставиме опомените, а доколку и по тоа немаат направено уплата, на 24 ноември ќе пристапиме кон блокирање на нивните сметки – најави директорката на УЈП Соња Лукаревска.
Заклучно со денеска се уплатени 2.210.108.927 денари (речиси 36 милиони евра) врз основа на солидарен данок од страна на 98 даночни обврзници од вкупно 150. Тие што не платиле ќе добијат писмена опомена на 6 ноември, а доколку во меѓувреме не ја исполнат обврската ќе им биде блокирана сметката на 24 ноември, најави денеска на прес-конференција директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.
Најнискиот износ што е уплатен по основ на солидарниот данок е 39.342 денари, а највисокиот 257.293.088 денари. Само еден даночен обврзник направил пребивање со поврат на ДДВ во износ од 42.259.181 денар.
– Бидејќи рокот беше до 25 октомври, за сите кои немаат направено плаќање на данокот на солидарност ќе се преземат мерки согласно со Законот за даночна постапка. На 6 ноември веќе ќе ги доставиме опомените, доколку и по тоа немаат направено уплата на 24 ноември, веќе ќе пристапиме кон блокирање на нивните сметки – најави Лукаревска.
Таа додаде дека даночните обврзници што ги опфаќа Законот за данок на солидарност се известени дека важат сите одредби, односно правила од Законот за даночна постапка дека може да ја направат уплатата на три рати заклучно со крајот на годинава, или пак за еднократно одложување на долгот до крајот на декември, со банкарска гаранција или со движен или недвижен имот со којшто УЈП би ставила соодветен залог.
Законот за данок на солидарност беше донесен на 19 септември годинава, а собраните средства, според најавите од Владата, ќе бидат наменети за антикризни мерки и ќе одат кај најранливите категории на граѓани.
Стопанската комора на Северна Македонија на 13 октомври поднесе Иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за данок за солидарност пред Уставниот суд, со предлог за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени врз основа на оспорениот Закон, до донесување на конечната одлука. Лукаревска вели дека ќе постапуваат во однос на средствата што во меѓувреме ги уплаќаат обврзниците во зависност од известувањето од Уставниот суд за одлуката што ќе се донесе.