ОД ШЕСТИ КАТ ПАДНА ЛАЖНОТО ОБВИНЕНИЕ ПРОТИВ ОБВИНИТЕЛОТ ХАЈРУЛАХИ Неговата секретарка призна на суд дека никогаш од својот шеф не чула заканувачки зборови
Во граѓанска парница за клевета, суспендираниот виш јавен обвинител Мустафа Хајрулахи доби шанса за прв пат на суд да се соочи со клучниот лажен сведок дека вршел мобинг, неговата серетарка Валентина Калинковска. Таа призна дека никогаш од него не слушнала дека ќе ја фрлел од шести кат, дека му го грдела обвинителството и слични заканувачки изјави. Ќе продолжат ли сега државниот обвинител Љупчо Коцевски и неговата маша Татјана Кацарова да го малтретираат Хајрулахи?
Евтината оговарачка сапуница, што се случила во зградата на Јавното обвинителство и која им послужила на штипската обвинителката Татјана Кацарова и на државниот обвинител Љупчо Коцевски, да конструираат случај на мобинг против суспендираниот виш јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, се распрсна во меури во Основниот граѓански суд Скопје на 3 октомври годинава.
Калинковска и пред Кацарова призна дека не чула ништо од шефот, ама…
Да се потсетиме. На 9 септември годинава беше објавено дека „по целосно спроведена истражна постапка и обезбедени докази, Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинение против едно лице за пет кривични дела – Малтретирање во вршење на службата од член 143, како и кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик“. Јавноста беше скандализирана од приказната, според која обвинетиот Хајрулахи, во периодот од септември 2023 година до 24 октомври 2024 година, како службено лице Виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, во службените простории и при вршење на службата, во текот на работното време, наводно „се заканувал и вршел континуирано психичко насилство врз пет вработени жени, со цел да им нанесе душевна болка преку понижувачко постапување“.
Во обвинението против Хајрулахи се тврди дека тој, користејќи ја неговата службена хиерархиска надреденост, во повеќе наврати грубо им се заканувал дека има моќ и може веднаш да ги избрка од работа, дека „ќе ги дигнел на клоци“, „ќе ги фрлел од шести кат“, „ќе ги ставел во притвор и под посебни истражни мерки“. Дел ги навредувал дека „му го грделе обвинителството“ и им забранувал да комуницираат меѓу себе и со други вработени.
Најпикантната епизода од таа сапуницата за наводниот мобинг беше тврдењето дека Хајрулахи на својата секретарка Валентина Калинковска ѝ рекол дека ќе ја фрли од шести кат. Најатрактивните наслови во медиумите се исцедија од таа наводна изјава. Плусинфо на 28 септември објави делови од исказот на Калинковска во истрагата на 5 ноември 2024 година (Записник за испитување на сведок-оштетен КО бр. 452/24 од 05.11.2024 година), од кои јасно е гледа дека повеќе неколкуте божемни закани и навреди на нејзина сметка таа не ги слушнала лично од Хајрулахи, туку други лица ѝ кажале за „мобингот“.
Исказот на Калинковска влезе во судски записник
На рочиштето од главната расправа одржана на 3 октомври пред Основен граѓански суд Скопје, каде се води граѓанска постапка за клевета – како тужител се јавува Мустафа Хајрулахи, додека тужени се Валентина Калиновска, Ружица Јосифова, Жаклина Никодијевска, Даниела Лапе и Ружица Слезенковска – обвинителката Калиновска признала дека станува збор за манипулација.
Така, од записникот од ова рочиште (Записник II П5-62/24 од ден 03.10.2025 година), јасно се гледа дека тужената Валентина Калиновска признала дека наводните искази на Харулахи „ќе те фрлам од шести кат“, „ми го грдиш обвинителството“, „жими гробот на татко ми, ќе те избркам од работа“и „ќе бидеш ставена на посебни истражни мерки“ не ги слушнала лично од него.
Калинковска сведочела дека Елвин Вели, тогаш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, ѝ рекол: „Вале, шефот ќе те фрли од шести кат“. Таа, исто трака, признала дека од Хајрулахи лично не ги слушнала зборовите „ми го грдиш обвинителството“, но најавила дека една од тужените колешки „сликовито“ ќе објаснела за што станува збор.
Уште една „процедурална“ намерна грешка на Кацарова?!
Со новиот исказ на Валентина Калинковска, овој пат на судско рочиште во граѓанска парница, паѓа целата конструкција на штиопската јавна обвинителка Татјана Кацарова и на државниот обвинител Љупчо Коцевски, кои многу се потрудија да го оцрнат и да го искомпромитираат вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, а сега се мачат и да го осудат. Клучниот сведок обвинието практично го фрли од шести кат, како мрсул.
Интересен е уште еден детал, од кој се гледа дека Кацарова и Коцевски сакаат буквално да го егзекутираат Хајрулахи. Тоа е времето кога Елвин Вели ја застрашувал божемно „оштетената“ Валентина Калинковска дека Мустафа ќе ја фрлел од шести кат. Имено, станува збор за настан што се случил во ноември месец 2022 година, кога се чекал реизборот на Хајрулахи. Иако во диспозитивот на обвинението против Хајрулахи е опфатен периодот од септември 2023 година до ноември месец 2024 година, обвинителката ја вметнала и таа случка од ноември 2022 година.
Случајно? Не, нема ништо случајно во обвинителските монтировки. Зошто периодот на „злоделото“ почнува токму во септември 2023 година? Затоа што во септември 2023 година доаѓа до промена на Кривичниот законик, во кој казната за кривичното дело Малтретирање при вршење на служба се заострува. Идејата клучниот настан од ноември 2022 година – тој со фрлањето од шести кат – да се вметне во обвинение во кое е наведен период за кој важи изменетиот закон, е некако да се спречи на вишиот јавен обвинител да му се одмери поблага казна според стариот закон, што е познато правно начело. Тоа е уште еден скандалозен пропуст во серијата пропусти и грешки на Кацарова.
Кафето да им преседне, планот да им пропадне
Хајрулахи е разочаран од некои свои колеги и од упорноста со која тие настојуваат да го отстранат од Јавното обвинителство.
Државниот обвинител Љупчо Коцевски, кому парламентот веќе му изгласа недоверба со интерпелација, е на една собраниска седница пред конечно да биде сменет. Против обвинителката Татјана Кацарова, пак, веќе се води дисциплинска постапка за друг предмет, по серија шокантни наоди дека држела во притвор осомничен над 70 дена, иако, според доказите, случајот требало да биде завршен за помалку од 8 дена. Судијката Јулијана Недкова од Основниот суд во Штип, постапувајќи по жалба од скопскиот адвокат Стеван Павлевски, детално утврдила дека во тој случај обвинителката Кацарова прекршила низа членови од Законот за кривична постапка.
– И лажната жртва Валентина Калинковска, која веќе јавно призна што било и како било, како и другите лажни жртви, се под ризик да бидат осудени не само за клевета, туку и кривично да одговараат. Јас нависина не би сакал тоа никому да му се случи, но нема да ги оставам луѓето кои на најгрд начин се здружиле и врз база на оговарања, креирале тешко обвинение против мене, туку така да се извлечат. Нека извинат, ама не можам да се помирам да минат неказнето некои луѓе што седнале на кафе муабет и решиле да го злоупотребат фактот што работат во Јавното обвинителство и така да си направат монструозни приказни за да ми нанесат штета. Ќе ги употребам сите законски средства и можности кафето да им преседне, а планот да им пропадне – вели Хајрулахи.