ОД СЕПТЕМВРИ ПЕНЗИИТЕ ЌЕ СЕ ПОКАЧАТ МЕЃУ 3% И 5% Линеарното зголемување е праведно, вели Мемов

Разликите кај пензионерите, ова е мое лично размислување, тоа кој колку уплаќал како придонес по основ на работниот стаж, разликите во уплатите завршуваат со денот на изготвувањето на решението за пензија, вели директорот на ПИОМ, Никола Мемов.

11,159

Вкупно за 2025 година се планирани исплати на трансфери од 53 милијарди денари, односно 862 милиони евра и тие трансфери од Владата кон ПИОМ не се однесуваат само за исплата на пензиите, туку и за исплата за здравственото осигурување на пензионерите и за транзициски трошоци кон вториот пензиски столб. Така што, буџетскиот дефицит во ПИОМ, односно во државата се однесува на овие три основни компоненти, рече директорот на Фондот на пензиското и инвалидско осигурување на македонија, Никола Мемов во гостување во магазинот „Трилинг“.

На прашањето дали ќе има зголемување на пензиите во наредната година Мемов рече дека зголемување на пензиите ќе има согласно законот што беше донесен оваа година.






– Во март 2026 година е предвидено зголемување на пензиите од 1.000 денари и исто така законското усогласување, коешто треба да се направи во септември, а коешто е предвидено помеѓу 3 и 5 проценти – рече тој.

На констатацијата дека линеарното зголемување на пензиите можеби е популизам, Мемов објасни дека таа мерка ја донесе Владата, на барање на пензионерите.

– Вкупниот буџет за усогласување на пензиите практично е ист. Разликата е во тоа што сите добиваат линеарно, а практично, проекцијата на буџетот за 2025 за усогласувањето беше проектирана на 4%. Вкупниот буџет е ист што се подели кај пензионерите – во висина од 1.000 денари на секој пензионер линеарно и тој се однесува на ублажување на ценовните шокови, инфлацијата и зголемувањето на платите – рече Мемов.

Во врска со тоа дали покачување од 1.000 денари е доволно за ублажување на ценовните шокови, тој рече дека вкупното зголемување на пензиите во изминатиот период е 25 проценти.

– Разликите кај пензионерите, ова е мое лично размислување, тоа кој колку уплаќал како придонес по основ на работниот стаж, разликите во уплатите завршуваат со денот на изготвувањето на решението за пензија. Вие сте уплаќале повеќе и имате поголема пензија на денот на пензионирањето, јас сум уплаќал помалку во Фондот и имам помала пензија. Ова зголемување на пензиите, односно усогласувањето, се однесува на намалување на ценовниот шок, разликите во платите и инфлацијата. Инфлацијата или зголемувањето на цените се исти и за вас и за мене. Така што, животниот стандард поскапува за сите пензионери подеднакво. Разликите остануваат во делот на денот на изготвувањето на решението за пензија и овој концепт, можам слободно да кажам, е исправен и праведен, затоа што концептот на пензискиот систем во Македонија е социјално-солидарен – рече Мемов.

На прашањето во каква финансиска кондиција е ПИОМ, со оглед на тоа дека дел од упатените велат дека ако вака продолжи пензии ќе нема во иднина, директорот на Фондот категорично негираше  дека тоа може да е случи.

– Исплатата на пензиите ја гарантира Владата. За 2026 година предвиден е буџет во Фондот од 152 милијарди или 153 милијарди денари. Тоа е скоро половина од вкупните приходи што ги има државата во буџетот за 2026 година. Кога велам дека владата ја гарантира исплатата на пензијата, мислам на тоа дека владата ја гарантира исплатата на покачените пензии, кое во март идната година ќе биде со вкупна вредност од 7.000 денари секој месец и за исплата на овие пензии Владата за следната година определува 63 милијарди денари трансфери, за да може редовно да се исплаќаат и пензиите, да се исплаќа редовно здравственото осигурување на пензионерите и трансферите кон вториот столб – рече тој.

Во врска со подобрувањето на финансиската состојба во Фондот, директорот Мемов, потенцира дека мора да се земат предвид два фактора.

– Едниот фактор е – државата мора да обезбеди стабилен економски раст и отворање нови работни места, затоа што државата почива на пет основни столба – политички систем, каде што е целата државна управа, правосуден систем, економски систем, реален бизнис сектор, безбедносен систем каде што влегуваат војска и полиција, здравствениот систем којшто го опфаќа целото население и пензискиот систем кој што опфаќа 2/3 од населението и скоро половина од буџетот што ги уплаќаме ние како осигуреници внатре во буџетот. Мора да се гледа големата слика. Големата слика вели – не може да се стабилизира еден од овие столбови без да има влијание еден помеѓу друг. Поврзани се. Стабилизацијата на пензискиот систем значи и стабилизација на здравствениот систем, значи стабилизација на економскиот систем. Не може вие да зголемите придонеси за пензиско осигурување без соработка со бизнис заедницата и со стопанските комори – рече Мемов.

Прашан дали тоа значи дека во скора иднина не може да се очекува стабилизација на ПИОМ, директорот Мемов рече дека во Фондот се етаблира отсекот за актуарство со помош и соработка на Светска банка и ќе се направат сите математички модели околу одржливоста на пензискиот систем на долг рок. Тој нагласи дека следната година ПИОМ ќе излезе со сериозна анализа до Владата со насоки – во каква ситуација се наоѓа во моментот и кои се перспективите на овој модел, односно дали е тој одржлив на долг рок.

На прашањето во каква состојба во моментов се наоѓа ПИОМ, Мемов рече дека Фондот нема ниту една неплатена фактура кон економските добавувачи, а исплатата на пензиите оди тековно.

– Финансиската кондиција на на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е во одлична состојба – рече Мемов.

На прашањето дали пензионерите ќе можат дополнително да работат, рече дека се размислува за тоа, а работодавачите се расположени да ангажираат пензионери коишто се од различни профили и се дефицитарен кадар.

– Законот овозможува за професорите и докторите да работат до 67 години, но ова повеќе е насочено кон приватниот сектор и работодавачите се расположени ова да го финансираат. Значи пензионерите да добиваат дополнителна плата. На таа плата да бидат плаќани придонеси коишто ќе дојдат на некоја си заедничка сметка во Фондот за пензиско, без да имаат какво било влијание понатаму на висината на пензијата, бидејќи придонесите се уплаќаат на лична сметка, на лично име – вели Мемов.

Прашан дали е ПИОМ легло за партиски кадри, Мемов рече дека од 5 советници на директорот коишто се на ниво на државни советници, четворица се декларирани поддржувачи на ДУИ.

– Кога дојдов минатата година во септември на функцијата, наследив една ситуација каде што имавме дисбаланс на вработените во филијалите низ Македонија. Како пример – во филијалата Тетово во моментов имаме 55 вработени, што значи стопроцентна пополнетост на работните места по основ на систематизацијата. Слична е ситуацијата во Гостивар, Куманово, Дебар, Струга, а за разлика од нив, во Прилеп, Битола, Струмица, Кавадарци, Штип… имавме по 5 до 6 вработени. Значи ако земете предвид дека ДУИ 20 години управуваше со ПИОМ, одговорот на вашето прашање е, апсолутно да – рече тој.

Мемов беше прашан и за личниот став што го искажан по локалните избори, дека Вреди не допринеле доволно во поддршката на Орце Ѓорѓиевски за избор за градоначалник на Скопје. Тој рече дека како партија имаат конзистентни национални политики во државата и во Владата и имаат исклучителна соработка помеѓу владините партнери, која се покажала за време на локалните избори кадешто дале взаемна поддршка – секој партнер во соодветна општина кадешто можеше да се помогне.

– Пример за тоа ни е Куманово. Учинокот на ЗНАМ, на Вреди и на ВМРО-ДПМНЕ на последните локални избори значеше убедлива победа на владините партнери на овие избори. ЗНАМ на овие избори ги постигна зацртаните политички цели што ги имаше пред изборите. Тоа значеше победа во Куманово. Тоа значеше помеѓу 35.000 и 40.000 гласови на локалните избори во Република Македонија. Советнички места во над 45 општини и стабилизација на своето гласачко тело. Од друга страна, учинокот на ЗНАМ на овие избори, посебно во вториот круг на изборите, со нашата поддршка значеше победа на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во повеќе од 10 општини, а како издвоен градоначалник е градоначалникот на Општина Карпош. Така што, секој од владините партнери го даде својот учинок во вкупната победа на владините партнери. ВМРО-ДПМНЕ ги поддржаа кандидатите на Вреди во Западна Македонија. Вреди и ВМРО-ДПМНЕ ги поддржаа кандидатите на ЗНАМ во Куманово и во Центар, а ЗНАМ, таму каде што немаше свој кандидат, ги поддржа кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и кандидатите на Вреди. Учинокот е на сите владини партнери и е подеднакво битен. Практично мојата лична изјава беше да се актуелизира ова прашање. Не беше насочена кон никој против – рече Мемов.

Тој нагласи дека во јавноста непотребно се пласира перцепцијата дека има некаков интерен конфликт меѓу ЗНАМ и Вреди и дека на ЗНАМ му се препишува некаков предзнак на албанофобство.

– Само ќе ви дадам пример – шефот на Кабинет на директорот на ПИОМ и шефот на кабинет на градоначалникот на Куманово се Албанци. Наведете ми еден шеф на кабинет на албански политичар во последните 30 години, каде што најдоверливиот човек, десната рака на функционерот бил од македонска провиниенција – рече директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов.

Поврзани содржини