Од септември хартиени учебници до трето, а од четврто само дигитални?

Дигитализацијата на учебниците дозволува тие да се ревидираат секоја година пред почетокот на учебната година, за да нема застарени податоци и содржини кои не соодветствуваат на реалноста, се наведува во соопштението од МОН.

538

Учебници во хартиена форма ќе добиваат учениците од прво до трето одделение, имајќи предвид дека првите години од воспитание и образование на децата се клучни за поставувањето на основите на писменост и градење однос кон книгата. Додека за учениците од четврто и погорните одделенија, приоритет ќе се даде на учебниците и дидактичкиот материјал во дигитална форма збогатени со мултимедиални содржини – филмови, анимации, видео прикази, галерија на слики и задачи, односно стануваат достапни електронските и аудио учебниците, поставени на една и единствена електронска платформа. За учениците со оштетен вид ќе се изработуваат и учебници на Брајово писмо.

Овие промени што ги најави Министерството за образование (МОН) треба да започнат од идната учебна година откако е усвоена нова Концепција за основно образование и изработка на новите наставни програми, што предвидува воведување на современа дидактика во воспитно-образовниот процес и наставата.






Дигитализацијата на учебниците дозволува тие да се ревидираат секоја година пред почетокот на учебната година, за да нема застарени податоци и содржини кои не соодветствуваат на реалноста. Учебниците ќе се пишуваат на јазик кој е разбирлив и соодветен на возраста на учениците. За да нема грешки во содржината, како и за додавање на теми кои недостасувале досега, а се поврзани со родовата еднаквост, мултикултурализмот, почитувањето на различностите и слично, се поставуваат повеќе филтри во текот на целиот процес на изработка на учебниците кој ќе се спроведува транспарентно и без можности за склучување на ексклузивни договори со одредени издавачи куќи или автори, соопшти Министерството за образование, најавувајќи клучни промени со кои ќе се обезбедат современи дидактички средства кои ќе се прилагодуваат на брзите општествени промени и трендови.

Законот за учебници и други наставни и дидактички материјали предвидува за секој наставен предмет, наместо само еден, да се применуваат најмногу до три учебници. Се работи за светски позната практика на отворени образовни ресурси, преку која се обезбедува автономија на наставниците во изборот на литература, затоа што тие самите на ниво на училишен колектив ќе одлучуваат кој од одобрените учебници по секој предмет ќе се користи во наставата.

Законот за учебници е дел од планот за темелна реформа на националниот образовен систем. Изготвен е согласно приоритетите во Стратегијата за образование 2018-2025 година и врз база на целосно нов Концепт за наставни и дидактички материјали, во кој се содржани најдобрите искуства и практики од неколку европски земји кои го имаат надминато системот на класична употреба на учебник, се додава во соопштението од МОН.

Поврзани содржини