Од понеделник и угостителите излегуваат на улица со барања за спас на бизнисите
Од Туристичко-угостителската комора се бара еднократна помош за сите угостители во вид на грант и мораториум на кредитите кај комерцијалните банки и Развојната банка.
Еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на владата, еднократна финансиска помош во вид на грант за сите и мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојна банка, бараат од Туристичко-угостителската комора (ТУК).
Доколку владата не одговори на овие барања угостителите од понеделник ќе протестираат.
Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко угостителската комора посочи дека состојбата во секторот е крајно алармантна, а фирмите се соочени со колапс.
– Се бара помош за сите угостителски објекти, секој е подеднакво важен и не смее некој да остане без неопходна помош во овие најтешки периоди за угостителството. Цела година сме предмет на јавно линчување иако помошта која ја добивме беше минимална и обременета со многу критериуми. Угостителскиот сектор од 14.03.2020 година, се до денеска работи под бројни рестриктивни мерки, а во одредени периоди и со целосни рестрикции, што без соодветна и навремена поддршка доведе до престанок на деловната активност за многу субјекти во секторот и загуба на многу работни места – рече Ангеловски.
ТУК бара еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Влада, и кои со месеци немаат никаква помош, не само за зачувување на работните места туку немаат никаква помош ни за основните трошоци за егзистенција и се под закана за губење на домовите и објектите од банки и извршители.
– Потенцираме дека под помош не сметаме понуди од владата за користење на кредити од Развојна банка, тоа е само дополнително задолжување од еден кредит да имаме два. Бараме еднократна финансиска помош за секој од регистрираните над 100 категоризирани објекти, кои повеќе од една година се затворени во целост, а со цел покривање на досегашните трошоци и долгувања акумулирани поради забраната за работа – рече Ангеловски.
Барањата вклучуваат и еднократна финансиска помош во вид на грант за сите регистрирани угостителските објекти, поделени во 3 категории врз основа на големината на бројот на вработени во 2020 година.
– Бараме утврдување на мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојна банка, се додека не ни дозволи владата да работиме без рестрикции за нашиот сектор. Ако може владата на нас со уредба да ни забрани да работиме, може со уредба да утврди банките додека не работиме да не ни ја цицаат крвта и да не задолжуваат заканувајќи ни се дека ќе останеме на улица без дом и егзистенција – рече Ангеловски.