Од пестициди до вкусни залаци – каква храна се нуди на зелените пазари?

Земјоделците, пазарџиите и институциите велат дека храната на пазарите има соодветен квалитет и дека е безбедна.

709

Граѓани се загрижени каков зеленчук, овошје и други производи купуваат на зелените пазари, но институциите и пазарџиите велат дека она што се нуди на зелените пазари е безбедно и квалитетно.

– На пазарите имаме свежа и добра храна кога се има предвид овошјето и зеленчукот. Кај расипливата храна последните години се воведоа стандарди кои поголемиот дел од пазарџиите ги почитуваат. Сепак, може да се рече дека се нуди релативно добра храна – вели Екрем Долек, претседател на Комората на пазарџиите.






Според него, многу подобро ќе биде откако ќе се донесе новиот Закон за пазарите во кој пазарџиите ќе имаат обврска да ја декларираат стоката што ја продаваат.

– Законот е стопиран поради недоразбирањата околу лиценците, но претходно кога се применуваше пазарџиите имаа обврска да декларираат од каде е производот, како е произведен, дали конвенционално или органски, да биде чист и безбеден за употреба и низа други работи. Сега пазарџиите работат на црно и затоа немаат декларации и само усно кажуваат од каде е производот што го продаваат – додава тој.

На зелените пазари се нуди и увозна стока која се разликува по квалитетот.

– Сѐ се увезува, покрај јужното овошје, се увезува и пипер, домати и сѐ друго. А како да ги разликувате  увезените од домашните производи? Па, по вкусот или по цената. Домашните имаат подобар вкус и се поскапи од увезените. На пример, гравот тетовец има цена од 250 денеари килограм, а увезениот ќе го најдете и за 120 до 150 денари. Домашни сигурно се компирот, марулата и производи кои се типични за ова поднебје. Тие не се увезуваат бидејќи не можат да им конкурираат на домашните со цената – вели Долек.

И домашните производители велат дека ова производство е квалитетно.

– Македонското поднебје ги прави повкусни производите. Тие се квалитетни, но дали на зелените пазари ќе купите производ кој има помалку отрови не може со сигурност да се гарантира, зашто зависи од земјоделецот. Има земјоделци кои не се придржуваат кон упатството за употреба на заштитните средства или не го почитуваат растојанието од прскањето до бербата за продажба, па може да се најдат и производи кои содржат пестициди или инсектициди. Но, во основа домашните производи се квалитетни и здрави за употреба. Контролата на она што се нуди е на институциите – вели претседателот на Сојузот на земјоделци Ристо Велков.

Тој смета дека исто како и за извоз кога се прави анализа на производите, треба да се прави и при пласирањето на зелените пазари и во трговските објекти во земјата. Тоа ќе придонесе, како што вели, не само за сигурност на земјоделците, туку и за купувачите кои ќе знаат што купуваат.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека се вршат редовни контроли на храната па и на онаа што се нуди на пазарите, а преку лабораториски испитувања се контролира и содржината на апаратите за заштита, односно пестициди, инсектициди… Се врши надзор над операторите со храна (вклучително и на операторите кои управуваат со зелените пазари), во поглед на тоа дали тие ги исполнуваат општите и посебните услови за безбедност на храната.

– Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат континуирани контроли на домашниот пазар со овошје и зеленчук, како и на пратките кои се увезуваат во земјава. Се контролираат и магацините за чување на овошјето и зеленчукот, дистрибутивните центри и преработувачките капацитети. Прометот со овошје и зеленчук дополнително се контролира во рамки на инспекциските контроли на мешовитите продавници, кои вклучуваат и трговија со овошје и зеленчук и преработки од нив, како и продажба на овошје и зелленчук на зелените пазари – велат од АХВ.

Од АХВ велат дека само во рамки на реализацијата на мониторинг програмата за безбедност на храната која се реализира од 2012 година, бројот на позитивни мостри никогаш не надминал 10, што е доволна потврда за безбедноста на овошјето и на зеленчукот.

Оттаму додаваат и дека потрошувачот има право да биде информиран за храната која ја купува, вклучително и за овошјето и зеленчукот кои се продаваат на зелените пазари, а обврска на секој оператор со храна, вклучително и на операторите со зелените пазари, е да воспостави систем на безбедност на храната во сите процеси, како што се и трговијата и дистрибуцијата и да даде информација за потеклото на производот.

– Правилникот за информации поврзани со храната, во член 3 став 2 точка 1 ги дефинира терминот и начинот на информирање на потрошувачите за храната. Според него, информациите за храната до потрошувачот може да бидат проследени со помош на означувањето, со други придружни материјали, или на кој било друг начин, вклучувајќи ги и модерните технолошки алатки или вербалната комуникација – додаваат од АХВ.

Минатата година инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство спроведоа 53.382 инспекциски надзори во прометот, вклучително и на зелените пазари.

– Од страна на инспекторите за храна, но и од самите оператори, поништени се 220.629 килограми небезбедна храна (од животинско и од неживотинско потекло). Во 2020 година забранет е увоз само на 2 пратки со храна од неживотинско потекло со вкупна тежина од 19.288 килограми (не станува збор за овошје и зеленчук) и на 9 пратки храна од животинско потекло во вкупна тежина од 104.838 килограми – информираат од АХВ.

Поврзани содржини