📷 ОД НЕБО ДА ИМ ВРНЕ, ОД ЗЕМЈА ДА ИМ НИКНЕ Јован и Лилјана ќе бидат зет и невеста на Галичката свадба 2025

Тие чекорат низ Галичник не само како двајца вљубени, туку како чувари на обичајот. Секое движење, секој поглед, секоја песна - сè е длабоко вкоренето во духот на Галичник. Манукот ја носи гордоста на претците, додека, пак, мануката со раскошната носија ја раскажува приказната за момичките од овие планински височини - достоинствени, вредни, горди и полни со љубов. Заедно, тие не се само пар - тие се огледало на Галичник, објави МЗ Галичник на својата Фејсбук страница.

174

Со голема гордост и радост, Месната заедница Галичник официјално ги објави имињата на овогодинешните зет и невеста што ќе ја предводат Галичката свадба 2025 – Јован Филипоски и Лилјана Михајлоска.

„Јован, потомок на галичкото семејство Филипоски, уште како дете чекорел низ Галичник, облечен во носија, сонувајќи еден ден да ја води свадбата. Од најрана возраст активно учествува во сите обичаи. Неговата избраничка, Лилјана, веќе ја почувствувала магијата на Галичката свадба во 2022 година и ова лето ќе заигра во улогата на невеста – со срце полно љубов и почит кон традицијата. Зетот и Невестата – Симбол на Љубовта и на Традицијата!“, објави МЗ Галичник на својата Фејсбук страница.






Во срцето на Галичник, под сенката на Бистра, секое лето љубовта добива посебна форма, се вели во објавата. Зетот и невестата не се само млад пар, се додава во објавата, тие се симболот на вековната традиција, на непрекинатото предание што низ генерации се пренесува со чест и со гордост.

„Тие чекорат низ Галичник не само како двајца вљубени, туку како чувари на обичајот. Секое движење, секој поглед, секоја песна – сè е длабоко вкоренето во духот на Галичник. Манукот ја носи гордоста на претците, додека, пак, мануката со раскошната носија ја раскажува приказната за момичките од овие планински височини – достоинствени, вредни, горди и полни со љубов. Заедно, тие не се само пар – тие се огледало на Галичник.

Во нивниот поглед се препознаваат љубовта и ветувањето дека традицијата ќе продолжи. И токму затоа, секој што ќе ги види, не гледа само свадба – туку гледа историја што живее.
Да се ќердосает, од небо да им врне од земја да им никне! Аирлија Галичка Свадба 2025!“, честитаат од МЗ Галичник.

Поврзани содржини