ОД МИТРОЕН ЗИМА ПОЧНУВА Свети Димитриј, заштитник на Солун, на Сибир и на село Зрновци
Денеска на целиот Балкански полуостров се празнува Митровден кој традиционално го означува и почетокот на зимата. Се претпоставувало дека времето на овој ден ќе покаже каква ќе биде цела зима, а во минатото токму на Митроен се симнувале и ајдуците од планините и кај јатаците ја чекале пролетта
Меѓу поголемите христијански празници и слави спаѓа и празникот Митровден што се празнува во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, наречен уште и чудотворец и мироточив. Овој празник претставува и меѓник меѓу летниот и зимскиот период од годината и секоја година се празнува на 8 ноември според новиот (или на 26 октомври според стариот) календар.
Традиционално, Митровден го означувал почетокот на студеното време, па затоа токму на овој ден и ајдутите се симнувале од планините и ја чекале пролетта кај своите јатаци по селата.
Освен вообичаениот обичај на носење леб и вино во црква (каде што се осветува лебот), празникот се одбележува во семејството и за него не се поврзани некои посебни обичаи или обреди. Вечерта пред празникот се прави „заслуг“. Тоа всушност значи дека поблиските се канат со лепче или со некој друг предмет, а на денот на славата се дава ручек на кој се служат мрсни јадења, освен ако празникот падне во ден кога се пости. Исто така, на гости се оди и следниот ден, претпладне.
Инаку, сите луѓе кои се викаат Димитар, Димитрија, Димитра, Диме, Митре, Митра, или некоја слична варијанта од ова име, на овој ден слават именден.
Празникот е посветен на светиот великомаченик Димитриј, заштитник на Солун, кој затоа бил наречен Димитриј Солунски. Црквата „Свети Димитриј“ во Солун била најпосетеното светилиште на побожните христијански аџии. Православните Руси го зеле за заштитник на Сибир, откако го освоиле и го припоиле кон Русија на 26 октомври 1581 година.
Од неодамна тој е заш титник и на македонското село Зрновци каде што е изградена и црква што му е посветена на овој светител.
Димитриј живеел во третиот век по Христа. Се родил во Солун и бил син на градоначалникот на овој град. Легендата вели дека солунскиот војвода долго немал пород и по многуге молитви упатени кон Бога бил даруван со машко дете кое со големо внимание го образувал и воспитувал и го воведувал во христијанството. Во тоа време овие краишта биле во составот на Римската империја и со нив управувал царот Максимијан, жестоко ги прогонувал христијаните.
По смртта на татко му, Димитриј бил именуван од страна на Максимијан за градоначалник на Солун при што му било заповедано да биде немилосрден кон христијаните, да ги убива и да ги прогонува. Но Димитриј бил христијанин. Најпрвин тајно, а потоа и јавно го поддржувал христијанството, ги подучувал христијаните како да се чуваат од паганите и да не се откажуваат од Христа дури и по цена на животот. За ваквата дејност на Димитриј разбрал и царот Максимијан. За да се увери во тоа што го слушнал тој дошол во Солун. Димитриј не само што не порекнувал дека е христијанин туку го презрел идолопоклонството на царот. Затоа овој наредил веднаш да биде затворен. Знаејќи што го чека Димитриј му го оставил целиот свој имот на еден свој пријател за да го раздели на сиромаси. Во затворот ги слушнал зборовите на ангелот Божји кој му рекол: „Мир на тебе, страдалниче Христов, охрабрувај се и не очајувај“.
Во тоа време во Солун имало амфитеатар во кој се изведувале гладијаторски борби. Луѓето се бореле меѓусебно до смрт или во арената биле предавани на крвожедните ѕверови. Особено страдале измачените христијани кои биле убивани од гладијаторите или раскинувани од ѕверовите на очиглед и одобрување од преполниот амфитеатар. Меѓу гладијаторите со својата суровост посебно се истакнувал и на царот му бил мил некој со име Лиј кој ги измачувал христијаните до смрт, а потоа ги убивал или ги фрлал на ѕверовите или под арената каде што паѓале врз исправени копја, се набодувале и во страшни маки умирале.
Еден храбар човек по име Нестор, кој не можејќи да ги трпи нечовечните постапки на паганите посебно на тиранинот Лиј решил да излезе на двобој со него, да го убие или да загине. Нестор го посетил Димитриј во затворот и од него побарал дозвола за тоа.
Св. Димитриј го благословил велејќи му: „Ќе го победиш Лиј, но ќе пострадаш за Христа“.
Потоа Нестор ја прифатил борбата со гладијаторот и го убил. Кога за тоа разбрал римскиот император наредил Нестор веднаш да биде погубен, исто како и Димитриј.
Царските војници веднаш го убиле Нестор, а кога дошле во затворот го нашле Божјиот Светител на молитва и го избоделе со копја. Неговото тело тајно го зеле христијаните и чесно го погребале. Од телото на Христовиот страдалник потекло исцелително миро, со кое многу болни се излечиле.