Од малиот семеен настан досега се заразиле дваесетина скопјани
Изработени се кластерите за Куманово и деновиве ќе бидат објавени, а потоа ќе се изработат и објават и за Скопје.
Дваесетина лица кои учествувале на малиот семеен настан во Скопје досега се дијагностицирани како заболени, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
-Кластер во смисла на поголема бројка на пациенти нема. Дваесетина се од овој настан веќе дијагностицирани заболени. Со самото тоа што се има увид и во кластерот, се има увид и во контактите според епидемиолошките анкети. Во таа смисла, сметам дека тој кластер е под целосна контрола – одговори Филипче на прашање од Плусинфо.
На прес-конференција пред три дена министерот рече дека новодијагностицираните во Скопје се во врска со еден мал семеен настан во Скопје.
– Добро е што се од едно место и од еден познат позитивен пациент. Сите членови на фамилијата и неговите контакти се тие случаи кои што го подигнаа бројот на заболени во изминатите денови во Скопје. Во таа смисла е контролирана трансмисијата со оглед на тоа што сите кои се идентификувани контакти се во изолација. Сметам дека тој мини кластер е под контрола – рече Филипче.
Тој додаде дека се изработени кластерите за Куманово и дека деновиве ќе бидат објавени, а потоа ќе се изработат и објават и за Скопје.