Одѕивот на гласачите до 15 часот е 31,78 отсто, соопштија од Државната изборна комисија попладнево на прес-конференција. Обработени се податоците од 3.435 избирачки места на кои гласале 576.576 граѓани.
Најголем одѕив има во Четвртата изборна единица каде излезноста е 35,56 отсто, а најмала и понатаму е излезноста во Шестата изборна единица – 22,85 проценти.
Во Првата изборна единица излезноста е 34,51, во Втората – 29,96, во Третата – 37,24, во Четвртата-35,56, во Петтата – 31,51 и во Шестата – 22,85 отсто.
Досега до ДИК, како што информира портпаролот на ДИК Адмир Шабани, не се доставени приговори. Имало мал прекин на гласањето на избирачко место во селото Лојане, а причината била неусогласување на сериските броеви на гласачките ливчиња. Гласањето подоцна е продолжено и се одвива непрекинато.
– Што се однесува до прекинот на гласањето во Липково, во избирачко место во село Лојане, добивме информација дека имало краток прекин, а причината за прекинот било неусогласувањето на сериските броеви на гласачките ливчиња. Прекинот траел додека Избирачкиот одбор не проверил дали се на број, при што е констатирано дека има толку гласачки ливчиња колку што се запишани избирачи во Избирачкиот список. Целата оваа ситуација е констатирана во посебен записник. Таму гласањето е продолжено и тече непрекинато – појасни Шабани.