ОД ИГРАЧКА ЛЕСНО ДОАЃА ДО ПЛАЧКА Герасимовски ги посети локациите на кои наводно се договарале тепачки меѓу младите
Помошник командирот Петровски го известил Герасимовски дека неколку полициски службеници патролираат на неколку точки во општината но за да се интензивираат патролите и да се зголеми бројноста на полициските службеници потребно е општината да поднесе иницијатива до Министерството за внатрешни работи.
По неодамнешната групна тепачка на млади лица во Дебар Маало вчера вечер градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски со помошник командирот на полициска станица Беко Игор Петровски направија обиколка на локациите кои беа посочени на социјалните мрежи како места на кои се договарале тепачки, соопшти Општината.
Низ Дебар Маало Герасимовски и Петровски забележале групи млади луѓе кои разговарат и се дружат, но велат дека што може да се случи по таа дружба никој не може да предвиди.
Затоа Герасимовски апелираше до родителите и до младите да бидат разумни и да мислат на последиците кои може да произлезат.
– Апелирам до младите да бидат разумни и да ги воздржат страстите. За да се случи најстрашното потребен е само миг кој не ќе може да се врати. Многу често сме сведоци на немили настани во кои се случуваат тешки повреди или најлошото, во прашање се фамилии и животи. Исто така упатувам апел и до родителите да внимаваат на однесувањето на своите деца и да го насочат воспитувањето кон солидарните и животните вредности на секој поединец во државата. Полициската поддршка е тука но доколку немаме самосвест таа е залудна – рече Герасимовски.
Помошник командирот Петровски го известил Герасимовски дека неколку полициски службеници патролираат на неколку точки во општината но за да се интензивираат патролите и да се зголеми бројноста на полициските службеници потребно е општината да поднесе иницијатива до Министерството за внатрешни работи.
– Полициски службеници веќе патролираат на неколку локации во централното градско подрачје но нив ги нема на секоја улица. Затоа ги повикувам младите да размислат за последиците затоа што многу често вербалната караница може да се претвори во масовна тепачка со несакани последици – рече Петровски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги пријавуваат ваквите нарушувања на јавниот ред и мир ги повикува институциите, меѓу кои и образовните, да пристапат кон зголемена едукација во училиштата за лична безбедност на учениците и намалување на сите облици на насилство.