ЧВАРКИТЕ ПОСКАПИ И ОД ЛОСОС Тој што ќе касне нека раскажува
Цените на овој производ варираат, поевтини се оние кои ние самите ги произведуваме и ги продаваме на килограм, нормално и на мерење во помали количини, додека поскапи се оние пакуваните кои може да се купат во текот на целата година – ни изјавија во една од месарниците кои ги посетивме.
Овој период од годината традиционално нè потсетува на ајвар, лутеница, пастрмајлии, но и на чварките, јадења кои се консумираат со чашка црвено вино, но и со ракиичка. Иако во минатото чварките се сметаа за храна на посиромашните, сепак во последно време овој деликатес се поретко се наоѓа на домашните трпези, затоа што, како во последните години, така и сега, значително растат.
Причината зошто овој деликатес е така скап е што во маркетите и месарниците за килограм свински бут треба да платите од 320 до 360 денари, додека за еден килограм чварки цените се околу 600-700 денари. Исто така во маркетите може да се најдат помали пакувања од 200-300 грама, а нивната цена се движи од 180 до 250 денари, па доколку сакате да купите килограм од овие пакувања ќе треба да потрошите повеќе од 1.000 денари.
Но, со револуцијата во исхраната во последниве години, со што луѓето ѝ се враќаат на домашната, оригинална, локална, традиционална храна, богата со хранливи материи, храна без непотребна обработка, рафинирање, шеќер, скроб и адитиви, за што се залагаат се повеќе нутриционисти, чварките, свинската маст и сланината се вратија на голема врата. Дури, во некои диети (палео, LCHF и слични на нив), со нив и се слабее!
– Чварките се продаваат во текот на целата година, но во овој период побарувачката за нив е значително поголема. Цените на овој производ варираат, поевтини се оние кои ние самите ги произведуваме и ги продаваме на килограм, нормално и на мерење во помали количини, додека поскапи се оние пакуваните кои може да се купат во текот на целата година – ни изјавија во една од месарниците кои ги посетивме.
Оттаму ни додаваат дека исто така сега значително се зголемува и побарувачката за сланина (сало) кое луѓето го купуваат и самите во домашни услови си произведуваат чварките.
– Во моментов немаме сланина за чварки, но не можам да ви кажам кога ќе добиеме и по која цена ќе ја продаваме. Како што можете да забележите, цената на месото значително се зголеми, а поради тоа очекуваме и раст на сланината. Минатата година таа се движеше од 100 до 120 денари за килограм, а оваа година нема да ме изненади доколку таа достигне и до 150 денари за килограм – вели вработен во една месарница.
Колку за иштаф луѓето најчесто се купуваат по 150-200 грама, но многумина ќе се сложат дека многу од тие што се продаваат во месарниците и маркетите не се ниту близу до она што беа порано домашните чварки.
Традиционално оние кои одгледуваат цела свиња или ја купуваат, а се продава по околу 120 денари за килограм (жива мера), самите да си прават чварки. Но има и такви кои сакаат да си купат сланина за чварки и самите си ги приготвуваат. Доколку се земе пресметката дека за 10 килограми свинска сланина би требало да се одвојат околу 1.200 денари, а од тоа ќе се добијат околу 2 килограми чварки, тогаш излегува дека еден килограм би чинел 600 денари.
– И оваа година како и претходните, со пријателите ќе купиме околу 20 килограми свинска сланина и чварките ќе ги направиме самите. Домашно приготвените се многу поубави, барем за нас, отколку купечките. Покрај тоа што ова го правиме за дружење меѓу нас, речиси половината од добиените чварки ќе ги изедеме додека се топли со винце или ракиичка, па може и дома да се вратиме со празни раце – ни сподели скопјанецот Влатко.
Останува да видиме дали цената на овој деликатес значително ќе се зголеми, бидејќи како што можеме да видиме во месарниците и маркетите расте купопродажната цена на речиси сите месни производи, па така може да се очекува раст и на сланината за чварки, но и на самите чварки.