Од еден до пет дена се чека за земање брис, а колку денa се чека за резултатите?

Вчера во Македонија имеше рекордни 317 заболени, но тие резултати се од брисови земени пред неколку дена, а не од изминатото деноноќие.

599

Од еден до пет дена се чека термин за тестирање за ковид-19 во државните здравствени домови, велат од Министерството за здравство.

– Матичниот лекар веднаш пополнува алгоритам и доколку согласно одговорите го помине алгоритмот, матичниот веднаш закажува тестирање во слободен термин, кој може да биде во период од 1 до 5 дена – велат од Здравство.






Оттаму објаснуваат дека термините се пуштаат согласно капацитетите на лабораториите, а пациентите се праќаат на раздалеченост која обезбедува немешање на болните при земање на брис. Но, не одговорија колку дена пациентите чекаат за добивање на резултатите и дали при тоа примаат некаква терапија.

Вчера во Македонија имеше рекордни 317 заболени, но тие резултати се од брисови земени пред неколку дена, а не од изминатото деноноќие. Доктор Никола Пановски синоќа предупреди дека бројките на заразени може да растат вртоглаво и да одат и до 1.000 дневно, ако не се почитуваат мерките.

– Рекордот ќе трае кратко, ќе биде многу брзо соборен. Ова се бројки од петок, сабота. По нив ќе дојдат нови од сабота, недела, па потоа нови случаи и тоа ќе се шири. Но ова е сериозен проблем. Ако продолжи вака нѐ очекува полошо понатаму. Ќе колабираме здравствено и економски. Треба да се ангажираат и власта и опозицијата и докторите и светските лидери да ги вразумат граѓаните да ги почитуваат мерките. Ова ако продолжи натаму ќе биде смешна бројка – изјави Пановски за Канал 5, коментирајќи го вчерашниот рекорд од 317 заболени.

Во насока на побрзо справување со есенскиот бран од ковид-19, кој се очекува да се испреплете со белодробните заболувања и со сезонскиот грип, беше најавено дека на Клиниката за пулмологија и на Инфективната клиника ќе се прават брзи тестови за да се открие дали станува збор за сезонски грип или за ковид-19. Но, иако беше отворена пред еден месец, монтажната болница пред Клиниката за пуломогија, каде што требаше да се вршат брзи тестови, сѐ уште не е почната со работа така што не се знае колкав капацитет ќе има таа.

– Мобилната амбуланта пред Клиниката за пулмологија сѐ уште не е почната со работа. Се очекува во секој момент да пристигнат апарати и реагенси со што во истиот ден ќе почне со работа – велат од Министерството.

На Клиниката за пулмологија и алергологија и на Инфективната клиника во Скопје треба да се инсталира апарат и да се прави тест кој за 40 минути ќе покаже дали одреден пациент има ковид-19 или сезонски грип.

Според министерот за здравство Венко Филипче, ова требаше да биде од голема помош при справување со есенскиот бран од новозаразени со ковид-19.

– Со апаратите што ќе ги добиеме ќе имаме можност за најкратко време да ги дијагностицираме овие пациенти и адеквантно да ги испратиме во установите коишто се занимаваат и ги лекуваат овие пациенти. Останатите кои се негативни ќе бидат третирани на нашата клиника – изјави во септември директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија Дејан Докиќ.

Поврзани содржини