ОД „ДОБРИ“ СУДИИ СТРАДАМЕ ДО ДЕН ДЕНЕСКА Треба да се случат грозоморни убиства за да реагираат судските власти, тврди Панова

Гледаме колку е силна реакцијата на јавноста кога се добиваат најблаги казни, а кога таквите благи казни имаат големи последици. За да пристапиме кон решавање на проблемот, потребно е и учество од страна на судската власт, а не затскривање зад Судскиот совет, којшто, еве, сега ќе биде изваден пред јавноста, истакна пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова.

504

На денешната трибина на темата „Суштината на проблемот: Лоши закони или лоша примена?” се обрати пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова, која истакна дека неопходна е транспарентност, анализа и одговорност на судиите пред Судскиот совет, кои не го применуваат правото според законот.

– Видовме дека од чинителите на судската власт, од нив некаков збор слушаме дури кога ќе се случат одредени грозоморни несреќни случаи, па и убиства. Најчесто реакциите од јавноста се толку силни што дури тогаш тие преземаат одредени чекори или мерки за утврдување на некаква одговорност од страна на судиите. Меѓутоа, за да решиме каков било проблем, освен транспарентноста, која треба да биде основен предуслов за законодавната, извршната и судската власт, треба да пристапиме и кон поголеми анализи. За жал, во изминатиот период, ние немаме видено никакви анализи за судските пресуди или за практикувањето на правото од страна на судиите. Немаме видено воопшто дали и колку такви пресуди се враќаат од страна на апелационите судови. Немаме видено колку пресуди и од кои судии се враќаат од судот во Стразбур. Што значи, анализа ни е насушно потребна и учество на судската власт во иницијативата за евентуалните законски решенија – истакна Панова.






Се бараат дупки во законите за да може судиите да бидат добри, а не праведни судии

Таа додаде дека одговорноста за примената на законите во најблага форма кон одредени луѓе треба да се бара во Судскиот совет.

– Изминатите години слушаме дека се бараат дупки во законите за да може судиите да бидат добри, а не праведни судии. Ние од добри судии во наводници патиме до ден денеска. Но, гледаме колку е силна реакцијата на јавноста кога се добиваат најблаги казни, а кога таквите благи казни имаат големи последици. За да пристапиме кон решавање на проблемот, потребно е и учество од страна на судската власт, а не затскривање зад Судскиот совет, којшто, еве, сега ќе биде изваден пред јавноста. Односно, ние поднесовме иницијатива за интерпелација на членовите на Судскиот совет. Одговорност на судиите пред Судскиот совет е потребна, не смее да си дозволиме да слушаме за судии кои имаат примена на закони во најблага форма кон одредени луѓе кога ќе се случат одредени трагедии и затоа одговорноста е многу важна и треба да ја бараме токму во Судскиот совет кој треба да одредува иницијативи и постапки за дисциплинска одговорност на судиите кои не го применуваат правото – нагласи Панова.

Панова потенцираше дека неказнивоста тргнува од заштитата којашто во изминатите периоди Судскиот совет ја имаше врз судиите.

– За состојбата во судството многу зборувавме изминатиот период во Комисијата за политички систем кога ги разгледувавме извештаите на Судскиот совет и на Јавниот обвинител и каде што гледаме дека секојдневно се прекршени човекови права. Луѓето се борат за своите права, а низ правните лавиринти не можат да ја добијат. Неказнивоста тргнува од заштитата којашто во изминатиот период Судскиот совет ја имаше врз судиите, заради тоа што наместо од нив да дознаеме дека има корумпирани судии, ние од телевизиите слушнавме дека има уапсен врховен судија. Кога зборуваме за судството, не треба да го заборавиме ниту ЈО, па ние сме држава каде 95% од обвинителните акти од страна на обвинителството завршуваат со пресуди коишто се исти какви што ги напишало обвинителството. Значи обвинителните акти всушност се и пресуди. Тие носат одлуки од кои јавноста очигледно не е задоволна. Тие треба да учествуваат во целата постапка за да ние добиеме законски решенија кои што ќе ја намалат вџашеноста на македонскиот народ кон таквите пресуди. Нивна е одговорноста да ни покажат нас, на законодавниот дом, каде и кои законски решенија треба да се подобрат. Потребна е иницијатива, учество од сите чинители за решавање на проблемите, бидејќи ова е комплексен проблем – заклучи Панова.

Јавноста е најдобрата алактка за вршење притисок за оставка на составот на Судскиот совет

– Нема начин со сила да биде разрешен Судскиот совет, ниту членовите кои се избрани од Собранието, а за кои е поднесена интерпелација. Можат да не дадат оставки и покрај изгласаната недоверба. Сепак, борбата за промени во правосудниот систем ќе биде со јавен притисок – истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, прашан околу интерпелациите, поднесени за членовите на Судскиот совет избрани од Собранието – Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.

– Органот, којшто ги избрал тие 5 члена, има право да даде свое мислење за нивната работа и тој со тоа што не им го прифатил извештајот за работа дал свое мислење. И сега логично е дека можат пратениците да поднесат таква процедура за интерпелација на членовите на Судски совет кои тие ги избрале бидејќи таму нема членови на Судски совет кои се бирани само од пратениците, има и од судовите итн. Но, ќе повторам, тоа не значи дека им престанува мандатот на тие членови. Сепак, тие можат да си речат дека не си поднесуваме оставка и ќе останеме и понатаму да го водиме судството со доверба кај граѓаните од 2%. Условно кажано, законот е таков – непрецизен и може тоа да се случи – рече Мицкоски.

Премиерот вели дека тоа нема го изненади и оти тие како политичари можат да направат само јавен притисок бидејќи цени дека јавноста не е задоволна од работењето на овој состав.

– Со сила ништо не можеме да направиме. Нив до последно ги штити законот. Се разбира, таков е законот, тие можат да си речат не поднесуваме оставка и ќе тераме додека не ни завршат мандатите. Инаку кои се алатките? Еве за да нема дилема. Алатката е јавноста. Се бориме јавно. Вистината е најпрецизна во јавноста. Ќе се бориме заедно со јавноста. Ценам дека јавноста не е задоволна од работењето на овој состав на Судскиот совет и мислам дека нема подобра алатка од јавноста. Апсолутно со јавен притисок – рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по стартот на реконструкција на сквер во Општина Аеродром.

Премиерот посочи дека се надева оти тие ќе поднесат оставки.

– Мислам дека ќе бидат доблесни, доколку се изгласа интерпелацијата, односно доколку заклучокот на пратениците е да има промени таму, тие да си заминат, рече Мицкоски.

Премиерот Мицкоски нагласи дека доколку бидат разрешени, бирањето на новите членови на Судскиот совет ќе биде според законот што е во сила.

– Ние не можеме со претпоставки да водиме политика. Мораме да водиме политика врз основа на параметри коишто се дел од реалноста и ние ја прифаќаме таа реалност таква каква што е – рече тој.

Во однос на тоа дали ќе поведат некаква постапка за членовите на Советот на јавни обвинители, Мицкоски истакна дека чекор по чекор ќе следат многу реформи во правосудството.

– Чекор по чекор ќе следат многу реформи. Јас никогаш не би сакал да зборувам со повисок тон или, пак, да се заканувам што ќе следува, но прво да се случат работите, па потоа ќе ги коментираме. Тоа е начинот на кој функционира оваа Влада. Внимателно, чекор по чекор, тивко, без многу помпа, без многу најави, без многу закани, да си ги завршуваме работите – рече премиерот Мицкоски.

Пратеничките групи на партиите од власта ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ во петок до законодавниот дом поднесоа интерпелација за работата на членовите на Судскиот совет кои се бираат од страна на Собранието – Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.

Во поднесените интерпелации за работата на членовите на Судскиот совет до претседателот на Собранието Африм Гаши се посочува дека се поднесуваат заради недоследнои спроведување на надлежности, особено заради негрижа, односно нарушување на угледот на судиите и за загрозување и нарушување на довербата на граѓаните кон судството, а со тоа и на целиот правосуден систем, односно на судството во целина.

 

МИЦКОСКИ ЌЕ ЗАДАДЕ УДАР ДИРЕКТНО ВО ЧЕЛО Премиерот очекува оставки од членовите на Судскиот совет

Поврзани содржини