Од „Дневникот на војводата Васил Чакаларов“
Баба ми Марија со трите сина на возраст од година до пет години, благовремено, беговицата ја прибрала во нејзината куќа и ја заштитила. Кога дошол нејзиниот син и побарал комитката да му биде предадена со сѐ деца, беговицата плачела и го молела... а кога видела дека молбите не успеваат, клекнала на колена пред него, ги раскубала косите од главата и го колнела: - „Ако ги убиеш, проклето да ти е млекото со кое сум те доела!“ - Така ги спасила.
Со голема упорност и залагање на писателите Раде Силјан и Паскал Гилевски, во 2007 година објавен е Дневникот на еден од најголемите борци за слобода на Македонија, прочуениот Костурски војвода Васил Чакаларов, чиј бронзен споменик на коњ краси една раскрсница во центарот на градот. Дневникот како документ за предилинденскиот период, од 3 јули 1901 до 30 август 1903 година, исполнет е со херојски и трагични, катастрофални настани за Македонскиот народ.
Овој спомен, но и дар за сегашните и идните поколенија Македонци, претставува зачувано богатство од првостепено значење за нашата историја, но и „за нашата литература, особено за нашата проза. Тие богати, изворни лексички изрази, фрази, особено дијалози напишани на неговиот роден мајчин јазик, костурски говор, и мајсторски вткаени во текстуалната структура на Дневникот, всушност претставуваат извесна антиципација, прекрасна предвесница на современата македонска проза.“ (Паскал Гилевски)
„…Восхитува неговата способност и моќ за опсервација. Неколку настани и сцени се опишани толку впечатливо и живо што можеме да ги сметаме за вистински раскази.“ (П. Г.)
Краток извадок од Дневникот – настан кој се случил на денешен ден…
„16 јули – среда, 1903 година.
– …Тргнавме накај Лошница… Пред да влеземе во селото сретнавме еден маж и го прашав што има во селото и кој е коџобашијата. Ми одговори дека биле таксидарите и двајца турски полјаци, а коџобашијата бил Александрос. Кога се доближивме до самиот крај на селото, застанавме сите, за да се прибереме и да им кажеме нешто на момчињата.
Ги задржавме сите селани да не влезат внатре и да раскажуваат, ги посоветувавме нашите момчиња да си ги отворат очите и да гледаат на четири страни, сите да го турат моќниот патрон во пушките и да тргнат по ред кон куќата на таксидарот и на полјаците.
Се наредија момчињата, тргна напред војводата Кољо Христов – Добролитски, после Стерјо Ташков, Пандо Сидов и уште неколку момчиња од костенариската чета, по која јас врвев, по мене Пандо Кљашев и Митре Влаот со својата дружина.
Со нас зедовме и двајца селани, едниот им го дадовме на Кољо и на Стерјо да им ја посочи куќата на таксидарот и на коџабашијата, а другиот го задржав при мене. Дојдовме пред куќата на таксидарот што ни ја посочи селанецот. Но таа беше заклучена и затоа го продолживме патот кон сретсело, пред црквата. Кољо и Стерјо направо отидоа при насобраните селани и се поздравија по грчки со „добра вечер“, се ракуваа со некој и таму бил и таксидарот со кого Кољо се ракуваше. Тој си пишуваше нешто по турски и продолжи пак да си пишува. Понатака погледаа и видоа двајца заптии, на кои Кољо веднаш им се приближи и им рече:
– Калканас бе!
Тие почнаа да се насмевнуваат и да зјапаат, со пушките оставени пред нив. Кољо им ги зеде пушките на двајцата и тогаш тие се сепнаа и станаа да се заштитат, но доцна беше. Стерјо го грабна едниот и јас веќе стигнав и го удрив многу силно со тојагата по главата. Кољо и тој го удри со кундакот по градите, но Турчинот веднаш ја грабна Кољовата пушка, а во исто врема Кољо се фати со другиот да се бори. Првиот почна да бега, токму сакав да го застрелам, ме превари Стерјо, го застрела и тој падна на самото место. Јас веднаш се свртев на помош кон Кољо и го застрелав противникот, но не го погодив на здраво место… Бидејќи пушката му ја зема Пандо Сидов, Турчинот кога се виде без оружје и фатен цврсто за коравите раце на Кољо, тој извади една доста голема кама, сакаше да ја збие во Кољо. Но нашиот Кољо му ја заврти раката, а јас го удрив со тојагата и остана ножот во Кољовите раце.
Турчинот се обиде да се заштитува, но не можеше да се оттргне од Кољовите раце, јас сега стоев пред Турчинот, а Кољо кога го збра добро кон себе, почна да го боде со ножот по грбот. А јас продолжував да го гледам и го оставив со неговиот нож да го измушка добро. Но Турчинот беше еден полн маж, здрав, и кога виде дека се забиваат ножевите во неговиот грб, ги собра сите свои сили и се искубна од рацете на Кољо и почна да бега, но за жал, не можеше да направи пет чекори, испиште мојата „малихерка“ и тој момент се најде на земја паднат. Стигнаа сите момци и почнаа да ги бодат двајцата кутнати и уште полуживи заптии, ги направија како решето од мушење. Сето тоа се случи со голема брзина…“.
Ете, такви неустрашиви Македонци биле нашите предци, но, речиси сите војводи од славниот Илинден загинаа, порано или покасно, од предавство. Од Македонци изроди, какви што и денеска ги имаме меѓу нас, кои за пари и власт нѐ продадоа и предаваат на наш очиглед… и за наш голем срам – за разлика од тогаш што…, иако ги знаеме по име и презиме… ги трпиме, згора на тоа и ги плаќаме ???!!!
Во битката со грчките андарти, во подножјето на Вич, кај месноста Лакато, во близина на селото Бел Камен (Леринско), на 9 јули 1913 година, војводата Васил Чакаларов е убиен. Бројните грчки весници на опширно пишувале за неговата смрт, наведувајќи дека – „…иако опколен и изрешетан, исправено стоел на нозе и одбивал да падне на земја…“. Андартите се изживувале врз неговото мртво тело, и откако му ја отсекле главата, надената на кол ја носеле низ селата во Костурско и Леринско, за да го заплашат населението, извикувајќи притоа: „Го нема Чакаларов! Ја нема Македонија!“.
И денеска во „моето место“ се пеат песни и игра прекрасното Егејско оро „Чакаларо“, како знак на вечна почит и слава…
Мојот дедо Никола (Кољо) Христо Добролитски, спрема објавената статија во весникот Нова Македонија, од 80-те години на минатиот век и (од поранешни години) сеќавањата на стар прилепчанец – калајџија (кој лично го запознал), чија фотографија беше објавена во весникот… во јуни 1903 година учествувал во борбите со турскиот аскер во прилепско, во склоп на костурската чета комити која дошла во припомош.
Неколку години подоцна, предаден, три дена со четата се борел сардисан во неговата родна куќа во село Добролишта, која на крајот, со два топа била сосема урнисана. Излезот – тунелот кој од куќата водел до костеновата густа шума над селото и им служел на комитите за повлекување, предавниците претходно им го затрупале. Кога им снемало муниција на комитите, дедо тешко ранет, со последниот куршум се самоубил, на ден 30 октомври 1906 година, на триесет годишна возраст. Турците мртвото тело го извлекле на џадето и го газеле по градите за да му ја „доизвадат душата.“ Кога дошол главниот (!?), наредил да се испукаат топовски салда во знак на почит кон покажаното херојство на загинатите комити…
Во спомен на дедо остана песната „Немшо ќе те прашам бабо…“.
Баба ми Марија со трите сина на возраст од година до пет години, благовремено, беговицата ја прибрала во нејзината куќа и ја заштитила. Кога дошол нејзиниот син и побарал комитката да му биде предадена со сѐ деца, беговицата плачела и го молела… а кога видела дека молбите не успеваат, клекнала на колена пред него, ги раскубала косите од главата и го колнела: – „Ако ги убиеш, проклето да ти е млекото со кое сум те доела!“ – Така ги спасила.
Мои Македонци!: Се ближи Илинден, нашата национална гордост и темел камен на нашата национална држава Македонија, по чие име се идентификуваме. Како ќе го славиме? Дали ќе имаме образ со одбранета чест да се потсетиме на нашите претходници кои гинеа за Македонија и да им оддадеме почит, ветувајќи им дека ќе ја сочуваме… или кукавички, со скунати глави ќе си признаеме дека ги предадовме идеалите… и самите се обесчестивме… Ќе дозволиме ли предавниците да држат слово на Мечкин Камен…?