ОД ДЕНЕСКА РАСПУСТ Министерката Јаневска им посака на учениците незаборавно лето

Верувам дека ќе одвојат време и за литература, за стекнување нови знаења и за развој на личните вештини, рече министерката за образование.

0

Денеска завршува учебната 2025/2026 година. Основците и средношколците до 31 август ќе бидат на летен распуст.

За повеќе од 14.500 матуранти наставата заврши на 15 мај, а утре (11 јуни) оние што се пријавени за државна матура ќе го полагаат задолжителниот екстерен испит – мајчин јазик (македонски, албански, турски или српски). Кандидатите за државна стручна и за државна уметничка матура ќе полагаат на 12 јуни.






Министерката за образование Весна Јаневска на учениците им посака добро здравје, среќа и пријатен летен распуст.

– На сите основци и средношколци им честитам за постигнатите успеси. Им посакувам убав летен распуст, исполнет со одмор, дружење и незаборавни спомени. Верувам дека ќе одвојат време и за литература, за стекнување нови знаења и за развој на личните вештини. Компјутерите и дигиталните алатки што им се достапни нека ги користат мудро за учење, истражување и откривање нови можности – рече Јаневска.

Таа ја оцени изминатата година како подобра од претходната. Вели дека биле воведени бројни новини во воспитно-образовниот процес, во интерес на учениците, наставниците, стручните соработници, како и на родителите и старателите.

– Благодарност до сите за поддршката и прифаќањето на промените. Уверена сум дека веќе ги гледаме првите позитивни резултати, што претставува дополнителен мотив да продолжиме со унапредувањето на образовниот систем. За дополнително да ја поттикнеме мотивацијата и креативноста на наставниците, донесовме одлука за ново зголемување на платите за 7,5 проценти, со што кумулативниот раст во последните две години надминува 20 проценти – рече Јаневска.

Таа додаде дека се вложувало во подобрување на условите за настава и работа, но и во создавање можности за професионален и кариерен развој. Реализирани се нови повици за напредување на наставниците и стручните соработници во звања ментор и советник во основното образование, а за првпат оваа можност се обезбеди и во средното образование.

– Посебна благодарност упатувам и до родителите и старателите. Нивната посветеност и грижа најдобро се препознаваат преку развојот и однесувањето на децата. Во следната учебна година очекувам уште поголема проактивност и соработка, особено во справувањето со предизвикот на врсничкото насилство. Секој од нас има подеднакво важна улога во создавањето безбедна, мирна и поттикнувачка училишна средина – додаде Јаневска и нагласи дека задоволни од досега сработеното, ќе продолжат мотивирано и посветено да создаваат уште подобри услови за успешна учебна 2026/2027 година.

Поврзани содржини