ОД ДЕНЕСКА МИНИМАЛНО ЗГОЛЕМЕНА ЦЕНА НА СТРУЈАТА Евтината струја е поскапа за 0,65 отсто

Цената на електрична енергија за домаќинствата од 1 јули во прв блок останува иста, во втор блок има зголемување од 0,85%, во трет блок од 1,92 % и во четвртиот блок од 1,88%, додека евтината струја ќе се зголеми за 0,65%.

316

Сметките на потрошувачите на електрична енергија на регулираниот пазар, односно на домаќинствата и на малите потрошувачи, од денеска до крајот на годинава, за најголем дел од потрошувачите, ќе бидат повисоки за 0,4%. Одлуката за минималното зголемување на цената во четвртокот ја донесе Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Како што посочи претседателот на РКЕ Марко Бислимоски по носењето на одлуката, цената на електрична енергија за домаќинствата од 1 јули во прв блок останува иста, во втор блок има зголемување од 0,85%, во трет блок од 1,92 % и во четвртиот блок од 1,88%, додека евтината струја ќе се зголеми за 0,65%.






Со ова, оцени тој, за 88% од домаќинствата кои што влегуваат со потрошувачка во прв и втор блок трошокот за електрична енергија ќе се зголеми за 0,4%. За 8% од домаќинствата кои што имаат потрошувачка и во трет блок трошокот на месечно ниво ќе се зголеми за 0,48% и за 4% од домаќинствата кои што влегуваат со потрошувачка и во четвртиот блок трошокот ќе се зголеми за 0,57 %.

– Да донесеме ваква одлука, каде што реално нема никакви промени ни овозможи тоа што на универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ му дадовме насока 15 % од количините кои што не се обезбедени да ги набавува на берзата на електрична енергија што функционира во Македонија, во периодот кога цената на електричната енергија е близу до цената што ЕСМ ја понуди на тендерот од  60 евра за мегават час и дополнително измените на Законот за енергетика што поминаа во вторникот во Собранието кои овозможија да се примени новата цена на маржата што сега е 9,9 проценти, а претходно беше 11,5% – појасни тогаш Бислимоски.

На тендерот што претходно го распиша универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ беше прифатена цената од АД ЕСМ од 60 евра за мегават час и за покривање на 85 проценти од потребите на регулираниот пазар, додека за останатите 15% беа пристигнати три понуди, но ниту една не беше прифатена поради тоа што понудите биле повисоки од моменталните пазарни цени. Дополнувањата на Законот за енергетика, пак, беа донесени во понеделникот на пленарна седница. Со ова законско решение, според предлагачите, се обезбедува сигурно, безбедно и континуирано снабдување со електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи.

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна во изјава за медиумите рече дека не очекува зголемување на цената на електричната енергија, посочувајќи дека се исполнети двата услова – донесени се дополнувањата на Законот за енергетика и универзалниот снабдувач ги оптимизирал количините за да не дојде до енормно зголемување на цената на струјата.

Цената на струјата треба да важи до крајот на годинава, а за наредниот регулациски период по 1 јануари 2025 година властите најавуваат намалување на цената доколку сѐ е вообичаено и нема некои изненадувања.

Поврзани содржини