„ОД ЧИЕ ИМЕ ЗБОРУВАШ КОГА ВЕЛИШ – НЕ ВИ СЕ ПЛАШИМЕ?“ Мицкоски му одговори на Филипче и му порача дека секој што се огрешил ќе одговара

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од митингот во Прилеп порача дека никој нема да биде поштеден и дека секој што се огрешил пред законот ќе одговара.

949

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на народниот митинг во Прилеп, одржан во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, остро му одговори на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој во своите настапи повторува дека „не се плашат“ од власта.

– Во однос на тезите кои ги повторува претседателот на СДСМ дека не ни се плашеле, прво да кажам дека тој пристап на прекумерно силење, дека сум имал треперлив глас и слично, е детски и типичен за луѓе кои се плашат. Иако нема потреба да се плашат ако се чесни како што велат – изјави Мицкоски пред насобраните граѓани.






Тој запраша од чие име Филипче зборува кога вели „не ви се плашиме“ и порача дека сите кои се огрешиле пред законот ќе мора да одговараат.

– Сакам да прашам, од чие име зборува? Кои се тие што не се плашат? Јас повикувам на борба против корупција и криминал, а тој вели – не ти се плашиме. Со тоа потсвесно се идентификува со криминалците на кои јас им се обраќам. Ако не се плаши, нека не се плаши, ама зошто мора да објаснува дека не се плаши? Навистина, чудна и промашена кампања води. Да му кажам најдиректно, секој ќе одговара! Од првиот до последниот што се огрешил пред законот – порача Мицкоски.

Во продолжение, тој го критикуваше Филипче и поради, како што рече, моралната недоследност, и нагласи дека не е доволно човек да биде стручен, туку и морален и чесен.

– Не е доволно да си стручен во нешто, туку поважно е да си доследен до вредностите што создаваат подобро општество. Можеш да си најдобар во својата професија, но ако си морално забеган, џабе ти е сè – изјави Мицкоски.

Во завршницата на митингот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика граѓаните да излезат масовно на гласање и да ја поддржат коалицијата предводена од неговата партија.

– Да покажеме дека времето на празни зборови заврши. Да покажеме дека надежта не е изгубена. Да гласаме за број 9 на 19 октомври – порача Мицкоски.

Поврзани содржини