ОД БУГАРИЈА ОЧЕКУВАМЕ ПОЧИТ И ПРИЗНАВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Муцунски бара Софија да се однесува европски, наместо неаргументирано да коментира
Од Министерството за надворешни работи додаваат дека земјава е препознаена како позитивен пример на европско ниво во примената на правата на заедниците и така ќе продолжи и во иднина.
Загрижува фактот што, наместо да биде поздравен како конструктивен чекор напред, Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците е предмет на апстрактни и неосновани коментари од страна на Бугарија, што не придонесува за градење доверба и добра верба меѓу двете држави, реагира Министерството за надворешни работи (МНР) на соопштението на бугарското МНР.
„Наместо неаргументирани коментари, од нашиот сосед очекуваме европско однесување, меѓу другото и по однос на целосната почит и признавање на македонскиот јазик“, се наведува во реакцијата од македонското МНР.
Оттаму додаваат дека земјава е препознаена како позитивен пример на европско ниво во примената на правата на заедниците и така ќе продолжи и во иднина.
„Остануваме цврсто посветени на еднаквоста, инклузијата и ефикасната имплементација на политиките во интерес на сите наши граѓани“, се наведува во реакцијата.
Од МНР појаснуваат дека земјава останува доследна на европските правила и на мерит-базираниот пристап кон проширувањето.
„Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците е изработен на македонски и англиски јазик од домашни и меѓународни експерти, во блиска консултација со Совет на Европа и Европската комисија. Документот содржи јасно дефинирани мерки, рокови и надлежни институции и е целосно усогласен со највисоките европски стандарди“, се вели во реакцијата.
Во неа се додава дека процесот на изработка на Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците се одвиваше во повеќе фази, започнувајќи од 2023 година, при што финалната доработка беше интензивирана во последните шест месеци од 2025 година.
„Во текот на целиот процес беа активно вклучени и редовно консултирани домашни и меѓународни експерти од областа на меѓународното право, човековите права и правата на малцинствата. Од страна на Советот на Европа и Европската комисија беше нагласено дека документот ги опфаќа сите релевантни европски и меѓународни стандарди“, се вели во реакцијата од Министерството за надворешни работи.