ОД БРИСЕЛ МОЖЕВМЕ ДА СЕ ВРАТИМЕ СО ПОБЕДНИЧКИ ВЕСТИ Ковачевски ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и Левица за кочење на евроинтеграциите

Се потврди дека единствен кочничар на државата е антиеу, антинато и проруската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица – изјави премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Брисел.

247

Оваа работна посета на Брисел можеше да изгледа сосема поинаку, можевме да дојдеме и победнички, гласно и јасно да кажеме дека ние продолжуваме со отворање на поглавјата од сите кластери од преговорите со ЕУ и дека го продолжуваме нашиот евроинтеграциски пат. Но, се потврди дека единствен кочничар на државата е анти-еу, антинато и проруската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица – изјави премиерот Димитар Ковачевски, на прес-конференција на маргините од Самитот ЕУ-Западен Балкан кој се одржува во Брисел.

– Нашите граѓани денес и конкретно можат да се уверат дека со овие политичари ќе бидат лишени од можноста забрзано да се приклучат на прогресивното европско семејство и можеа уште еднаш нашите граѓани да се уверат како изгледаше 2008 година. Тогаш беше во Букурешт, вчера и денес беше во Брисел. Свежи ни се сеќавањата на 11-те години владеење со лажен патриотизам, квазинационализам и популизам, што доведе до целосно заробена држава. Нека им служи на чест на овие партии и политичари, а на граѓаните да им служи на ум и сами да проценат кој за каква иднина за граѓаните и државата се бори – рече Ковачевски.






На новинарско прашање да ја коментира изјавата на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел дека, иако проширувањето е процес базиран на заслуги, сепак во носењето одлуки мора да се води сметка за комплексноста на ситуацијата во Европа, Ковачевски порача „да не се самозалажуваме и да ги залажуваме граѓаните за промени во однос на Преговарачката рамка или во процесот на проширување, затоа што на крајот од тоа нема да има корист за никого“.

– Апсолутно, тоа е изјава која што претседателот на Европскиот совет не ја кажува првпат, туку ја има кажано неколку пати. Комплексноста е од аспект на тоа што ЕУ започна процес на своја внатрешна подготовка за прием на нови членки и тие својата цел за тоа ја поставија до 2030 година. исто како што ние имаме цел до 2030 година во однос на реформите коишто треба да се донесат – изјави Ковачевски.

Но и покрај сето ова, додаде премиерот, во Брисел за нашата држава имало позитивни дискусии и натамошна поддршка од европските лидери за трасираниот пат на Северна Македонија кон Унијата.

– Тоа е многу јасно наведено и во заклучоците на ЕУ каде многу јасно е наведено дека Северна Македонија штом го исполни својот услов за спроведување на амандманите во уставот, веднаш ќе биде одржана втората меѓувладина конференција. Затоа што нашата единствена алтернатива е ЕУ, ние од европскиот пат нема да се откажеме и да отстапиме. Како Влада работиме напорно да ја оствариме нашата стратешка цел членство во ЕУ до 2030 година. Да обезбедиме европски стандард и европски вредности дома во Северна Македонија – рече Ковачевски.

Овој Самит, додаде премиерот, е одлична можност земјите од регионот да продолжат со успешна соработка за надминување на заедничките предизвици.

– Вчера ги информирав колегите од земјите-членки на ЕУ и лидерите на институциите за статусот на евро-интеграциите на Северна Македонија и за успешно завршениот процес на скрининг, им благодарам за конкретните примери на соработка и партнерство меѓу ЕУ и нашата земја во исклучително тешка година полна предизвици, предизвикани од енергетската и економската криза, како последица на воената агресија на Русија врз Украина. Исто така од страна на Европската Унија, на претставниците на Европската комисија, на претседателката беше искажано задоволство од високото ниво на професионализам и подготвеност на сите наши членови на делегациите кои што учествуваа со своите 850 презентации на над 100 состаноци на скрининг процесот во текот на изминатата година и половина, тука во Брисел – рече Ковачевски.

Тој оцени дека како никогаш досега во ЕУ постои подготвеност за проширување. Ковачевски информриаше дека имал повеќе средби меѓу кои и со домаќинот, Шарл Мишел, со претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, Роберта Мецола, како и со лидерите на земјите членки на ЕУ и лидерите на земјите од Западен Балкан.

Поврзани содржини